Над 10.000 граѓани ги споделиле своите проблеми со г. Мицковски? И ниту еден не му спомнал, онака, од страна – Вие сте изворот на голем дел од нашите проблеми претседателе!
Навистина, зарем само комсомолците на премиерот се ербап па не само што удобно се сместија во „разгазените чевли” кои им ги остави најславниот азилант, туку и умеат да ги носат. И тоа со стил.
Лепакот наречен ДУИ, секако е за ЕУ и НАТО. Ако оваа реченица ви изгледа нелогично на прв поглед, колку за споредба – Колку мандати и се потребни на градоначалничката на Тетово да изготви елобарот за дивоградбите во градот и околината?
Или, колку мандати е потребно некој да биде кмет на Општина Центар, за да урне диво изграден балкон од нецели два метри?
А може и ова – Колку ДИК-овци се потребни да проценат како да се врати партиски долг од изборна кампања од 2011 во износ од нешто повеќе од три милиони евра?
Заборавете на Државниот Ревизор, и онака сите го заборавиле еве веќе две години.
Зошто оваа нелогична но сепак идилична слика сега да ја „расипеме” со некакви дебати околу реформите на изборниот модел?
– Моите 9.000 гласови се подобро распоредени од твоите 15.000, или потребен е партиски консензус до кој тешко ќе дојдеме!
Некој ќе рече дека ова е можност да се направи притисок за да се смени црно-белата комбинација која постојано ни е никаков, односно, некаков избор. Можеби е така. Иако поблиска ми е споредбата со сивата боја и нејзините нијанси, кои секако се сиви.
Ова наше општество кое навидум е гласно, вревливо, неретко зајадливо, егоцентрично, поделено и разгневено, велам навидум, затоа што има во него еден постојан молк кој станува се посилен, молк кој го предизвикува сивилото во сите нијанси кои можат да се сервираат пред него.
Како неизговореното едвај чека да рикне – По ѓаволите со вашите датуми, по ѓаволите со вас и со вашите судии и обвинители напикани по тефтерчиња и џепчиња, по ѓаволите и со вас и вашите експерти и советници, по ѓаволите….