Со христијански верски ритуал, свеќи во раце, поп, молитва, погача и славско јадење распослано на клупите од амфитеатарот, колегиумот на Клиниката за пулмологија, на чело со директорот д-р Дејан Докиќ, го прослави верскиот празник „Свети Никола“ пренесува ако.мк.
Ова не е првпат да се одбележува на овој начин празникот, туку е традиција со години, а се одбележуваат и други верски празници, како Велигден, Бадник и слично.
Вработените вообичаено меѓу себе си делат лепчиња со паричка или вапцани јајца, но славата на Клиниката, „Свети Никола“, се одбележува организирано.
Откако на социјалните мрежи се појави фотографија од прославата на верскиот празник „Свети Никола“ во амфитеатарот на Клиниката за пулмологија, оттаму објаснуваат дека во оваа установа се почитуваат верските права на сите вработени и дека на Клиниката постои 20-годишна традиција на прослава на верскиот празник „Свети Никола“ за припадниците на православната религија, а пак муслиманите секој петок одат во џамија.
– Нема тука ништо лошо. На овој начин начин, преку взаемно почитување на религиската припадност, ние придонесуваме кон градењето на соживот и верска толеранција во нашата установа, но и пошироко – велат од Клиниката.
Оттаму потенцираат дека настанот бил организиран надвор од работното време, односно за време за паузата, а прегледите во амбулантите и другите активности во врска со пациентите течеле непрекинато.