Доколку граѓаните забележат бездомно лице да го пријават на дежурните телефонски броеви за да биде сместено во некои од прифатните пунктови што се во функција од почетокот на зимскиот период, за да биде заштитено од естремно ниските температури, апелираат од Министерството за труд и социјална политика.
– Пријавувањето може да се прави на следните телефонски броеви: Скопје: 071 733 171, 071 411 908, 071 261 778; Битола: 070 791 770; 071/397-272; 071/397-875; Струмица: 070 381 660; Струга: 070 317 612 / 046 781 733. По пријавата на овие телефонски броеви мобилните тимови од Центрите за социјална работа и на Црвениот крст излегуваат на терен и ги згрижуваат бездомниците во неколку пунктови во Скопје и низ Македонија каде што добиваат чиста облека, топол оброк, греење и лекарска помош. На лицата кои одбиваат да се сместат во некој од пунктовите им се дистрибуира вреќа за спиење, ќебе, облека, храна – информираат од Министерството за труд и социјална политика.
Оттаму потсетуваат дека во соработка со Црвен крст во Скопје од пред еден месец го ставиле во функција интервентниот центар за бездомници „Момин поток“ каде што има 32 легла. Во периодот од 16 декември лани до 9 јануари годинава реализирани биле 226 преспивања.
Покрај овој интервентен центар во функција се уште три регионални прифатни центри во Битола, Струмица и Струга. МТСП ги задолжило сите Центри за социјални работи низ Македонија на своите веб страници да објават дежурни телефонски броеви за пријавување на бездомниците и другите семејства без соодветни услови за живеење.
За лицата и за семејствата кои од најразлични причини се доведени во состојба да немаат дом, како една од формите за вонинституционална социјална заштита на бездомни лица, воспоставен е Центар за бездомни лица Чичино село кој функционира согласно Законот за социјална заштита.
– Со цел да ги заштити од ниските температури семејствата со деца кои живеат во импровизирани живеалишта под Кале, Министерството за труд и социјална политика уште во текот на ноември минатата година обезбеди сместување за дел од нив. Околу 15 семејства се преселија во привремената монтажна населба во Визбегово, а 85 лица, од кои 49 се деца се сместени во установата „Ранка Милановиќ“, се додава во соопштението од МТСП.
Вакви активности биле преземени и во текот на зимата 2017/2018, кога околу 120 лица биле сместени во објекти на установа за социјална заштита, со тоа што биле вклучени во пилот Програма за поддржано живеење.