На обвинителството му треба уште време да утврди дали го слушало надворешно уво

295

Потенцијалниот скандал кој крајот на ноември лани го обелодени републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески посочувајќи дека се откриени хард дискови на кои се снимале разговорите од фиксната телефонија во обвинителството, по повеќе од седум месеци сѐ уште нема разврска.

Нема официјални информации за поместување на предистражната постапка од оние првичните кои ги соопшти Јовески односно дека беа пронајдени разговори од 30 септември 2016 до дента на соопштувањето на информацијата. Од обвинителството велат дека првични информации обезбедиле, но оти станува збор за обемен материјал, па предистрагата не може да се заврши за пократок период.

– Во тек е техничка анализа на пронајдените снимени разговори од телефонската централа на Јавното обвинителство. Притоа обезбдени се првични информации за бројот и обемот на снимените разговори, а анализата продолжува во насока дали некој имал неовластен пристап до овие разговори и дали тие биле злоупотребени. За вештачењето е потребно подолго време, бидејќи станува збор за обемен материјал – велат од Обвинителството.

Оттаму уште еднаш потенцираат и оти се испитува дали се снимале разговори пред 30 септември 2016, односно уште од 2013 година откако е пушта во употреба новата зграда во барокен стил на кејот на Вардар во центарот на Скопје. Тогаш е и инсталирана телефонската централа.

Во таа зграда се сместени Основното јавно обвинителство Скопје, Вишото и Републичкото обвинителство.

Во март годинава, шефот на скопското обвинителство, Сашо Рајчев, рече дека не постоеле технички можности да утврдат, па затоа сѐ уште испитуваат дали се снимале разговори и во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, кое физички е сместено во зградата на Апелацискиот суд во Скопје.

Детали за случајот во јавноста изнесуваа и првите луѓе на извршната власт. Премиерот Зоран Заев неколку дена по откривањето на случајот во јавноста изјави дека таков систем за снимање разговори бил поставен и во Кривичниот суд во Скопје. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пак, од тогаш ветува темелна истрага, а ја прозва и опозицијата да одговори за нивните дејствија во времето кога оваа опрема била инсталирана.

Не молчеа ниту од ВМРО-ДПМНЕ од каде досега повеќепати јавно прашуваа до каде е истрагата, зошто се молчи и бараа оставки.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...