На минус 18 степени Целзиусови, петмина планинари од клубот „Кадиица“ од Пехчево го искачија највисокиот врв во Малешевијата. Љубителите на природата велат дека ниту силниот ветер, ниту длабокиот снег не може да ги спречи во нивните авантури. Како што нагласуваат тие, овој врв е убав во сите четири годишни времиња.
– Снежната покривка дава посебно чувство на спокој. Се забораваат сите проблеми и го оставате умот да ужива во зимската идила. Иако тешко беше да се стигне до врвот и да се остане таму при силен ветер и температура од околу дваесет степени под нулата, а од густата магла не се гледаше два метра подалеку, вредеше да се биде дел од едно такво доживување – изјави за Плусинфо Марјан Митриновски, претседател на планинарскиот клуб.
Врвот Кадиица се наоѓа на 1.932 метри надморска височина на планината Влаина и е на самата граница со Бугарија.
– Должината на маршутата е 22 километри во тешки зимски услови. Се пешачи околу 7 часа во двата правца. Го искачивме и врвот Орловец, кој се наоѓа на планината Буковиќ и е на 1.750 метри надморска височина – појасни Митриновски, кој е дипломиран шумарски инженер и активен планинар веќе 24 години.
Од планината Влаина под врвот Кадиица извира Пехчевска река или Писа која се влива во Брегалница.
– Од врв Кадиица има прекрасен поглед кон планините Пирин, Рила, Витоша и Славјанка во Бугарија, како и кон македонските планини Осогово, Беласица, Кожуф, Шар Планина, Плачковица, Јакупица или Мокра Планина, Серта, Голак, Огражден, Малешевските планини. Можат да се видат бугарските врвови Вихрен, Кончето, Мусала, Маљовица, Гоцев врв, Черни врв, Радомир, Конгур. Од македонските врвови можете да ги забележите Руен, Љуботен, Лисец, Солунска глава, Зелен брег, Дудица, Тумба, Самир кајас, Петлец, Чавка, Бајас Тепе, Туртел, Волчјак, Козјак, Бел камен, Ченгино кале, Огражденец. Како да се има на дланка целиот тој огромен простор кој ги воодушевува сите сетила – додаде Митриновски.
ФОТО: Марјан Митриновски