Маркирачот од УБК, кој денеска сведочеше во случајот „Таргет-Тврдина“, зборуваше и за непријатни ситуации кога вметнувал броеви за прислушување.
– Еднаш добив лист со десетина броеви од Надица Николиќ и ставајќи ги броевите дојдов до број што ми беше многу познат и излезе дека тоа е бројот на мојот син. Кога прашав за што се овие броеви Надица рече дека тоа се кандидати за вработување и Горан барал да се вклучат – рече Марјан Јанкуловски кој сега е пензионер.
Тој неговиот исказ во судница го даваше повеќе од три часа, но одговараше само на прашањата на обвинителите Трајче Пеливанов и Ленче Ристоска.
На наредното рочиште тој повторно ќе сведочи, но ќе го испрашува одбраната и судиите.
Во „Таргет-Тврдина“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.