Меѓународниот фестивал „Денови на комедии“ започнува вечерва во Куманово. Отварањето е во 20 часот со претставата „Странци“ од драмскиот театар. Како што за Плусинфо кажа директорот на НУЦК Трајко Прокопиев, Сашо Тодоровски, билетите се продадени однапред три дена за сите претстави.
– За 22-риот меѓународен фестивал во Куманово има огромна заинтересираност од публиката. Имаме вкупно 12 претстави со театри од Србија, Бугарија, Албанија, Хрватска, како и од нашата земја. Фестивалот ќе биде затворен на 15 октомври со „Бегалка“ , претстава која ја знаат сите кумановци и ја очекуваат со нетрпение. Има огромен интерес за неа. Ова ќе биде всушност мал римејк на таа претстава од 1971 што е направена – рече Тодоровски.
Тој додаде оти поканети се гости и од други градови и дека очекува посетители од Скопје и од други места.
Поради големата заинтересираност, тие очекуваат поголема финансиска поддршка од Министерството за култура идната година.
– Над 10 илјади луѓе ќе поминат на овој фестивал во овие 15 дена. Сите сали се полни, немаме ниту едно празно место. Сите 677 места се пополнети. На некои други фестивали има полупразни сали – додаде Тодоровски.
ФОТО: Фејсбук