Популистички бран или „тивко“ цунами, прашање е сега. Што од тоа го „зафати“ Балканот? Заради што и како, ехото на подемот на десницата во цела Европа (каква и да сѝ), интерферира со лукавите балкански десничари, кои, во недостаток на било каков морален репер, демократски традиции и модели за добро владеење, и во изобилство на пропаганден капацитет, предизвикан со фактот дека тие „први дознаваат“, оти сами предизвикуваат, одлично ја пакуваат фантастичната негрижа, во реформски целофан. Нивното „производство“ е лукава опортунистичка „креација“, рефлективен одраз на „предвидувањата“ (читај: производите) на „големите играчи“ и погрешно толкуваниот дипломатски јазик, за домашна употреба, кој ќе произведе „номинални постигнувања на номиналните европски барања, согласна номиналните механизми и номиналната грижа за „проектите“ и „визијата“ на Европа (што и да сѝ), за Западниот Балкан.
Така, Големиот театар патува, иако самата претстава е сомнителна. Дека „сѝ ја гледал претставата“, организаторот гледа од потрошените коверти, во кои ги испратиле билетите – по пошта (тоа не е претстава за „пазарот“, туку за „одбраните“), а не брои кого има во салата. Претставата се вика: „Баш ме заболе“, а извештајот зависи и од чистачот, кој можеби, зел стотина коверти од бирото, да му се најдат. Исто како со баењето: дијагнозата зависи од специјализацијата на бајачката. Добрите резултати се нејзина заслуга, а лошите на „натемаго“.
Сфативте, номиналноста ја јаде суштината. Инаку, немаше да се случат проруски сили во балканските земји и тоа без еден потрошен долар од самата Русија, додека УСА и „Европа“ (која и да сѝ) се раскостија од давање пари. Кога нема постигнувања, нема да ги бараме лоповите и ќофтињата во владата и во невладиниот живот, туку ќе го гледаме списокот со покани.
Чудно но, „европјаните“ едни ги октроира, а други ги кани на ручеци, на тајни локации, со неограничено време за ручкање и муабетење. Уште почудно, за овие, кои се добри за ручкање, нема ниту понуда, небитно дали се европски, или балкански „ручкачи“. Мене ми личи ова на приказната: Одиш на лекар да ти постави дијагноза, па на бајачка, за лекување. Дали е тоа стратегија за лекување, или проверка (што знае пациентот за сопствената болест и кој тоа погрешно го лекува)?
Има и други логики, но тие не се за пациентот, туку за „лекарите“ и оние европските и овие балканскиве. На пример, кога европските, ќе им посочат на балканските колеги по функција, но и по „идеологија“, дека „ја дупнале топката“, овие, веројатно, потполно пазарџиски, признаваат и велат „јеби га, бидна, туку што ние можеме да направиме за тебе?“. После вакви муабети, бајачките се добредојдени. Со фазомер не се поправа багер, освен ако му забаеш.
Посветените и искрените, пред да се носат одлуки – базирани на политичка волја, поставуваат прашање: Што тоа ние сите лечиме, со што лечиме и дали е лекот (европските „алатки“ за реализација на таа европска политичка волја) тој вистинскиот? Но, реално, ако „пациентот“ го прегледаат истите „лекари“, кои ги менуваат наодите, за „болеста“ да ја прилагодат на лекот, а не лекот на болката, да нѝ е на здравје: Ние ќе бидеме болни точно од онаа болест, за која (претходно) е произведен лек. Ако на „пациентот“ му е полошо, ќе ги мениме и идните наоди, односно, ќе ставиме фокус на едно, а ќе го заборавиме останатото. Номиналната визија, предолгорочно поставените цели и слепилото за сегашноста, во кои Европа (што и да значиш, низ Аквисот) е светски шампион, може да биде надополнет и со малку теорија на заговор. Па, за што друго служат „Америте“?
Браната против цунамито на популизмот и национализмот е визијата, и тоа сите го знаеме, но, она што не сакаме да знаеме е дека популизмот и национализмот се температура на болеста, која не е лекувана, оти не е препознаена во својата суштина како криминал, а во најдобар случај, како неспособност. Затоа секое „движење“ на Балканот се манифестираше како нестабилност, а staus quo – то, кое го лекуваме, станало решение. Европата (колку богата и да е) ќе рече дека „тоа се само пари“, без одговор колку се тоа октроирања. Балканските мангупи ќе одговорат дека ЕУ давала малку пари со многу услови и дека тоа се поправа со уште „многу пари и многу формални услови“. Се разбира, во рацете на балканските и европските мангупи, тие многу пари „ќе ги фати инфлација“, оти многуте услови ќе ги уверат потенцијалните реални апликанти дека не треба да се мачат со добри проекти, оти „нема да бидат препознаени“, а постоечките, во сета своја номиналност и бесмисленост, и не е важно дали ќе бидат имплементирани. „Билетите се испратени“, во „Упатството за евалуација“ – чистачот не фигурира, а го нема ниту на фотографиите, на кои бајачката стои пред своите магистранти – локални бајачи и солзи рони за пациентите. Лекарите можат да ручкаат.
Дали одговорот треба да го бараме кај Марфи, во неговата неисцрпност за слабиот капацитет и лошиот избор? Капацитетот не е низок, туку чуден, а изборот потполно опречен, од гледна точка на прокламираните цели. Едноставно, проблемот не е само кого си одбрал, кого ќе поддржиш, како ќе им се заканиш на статус – кво факторите, туку и во нивниот капацитет и пораката која е „шепната“ во некој европски ходник.
Не, не реков „дил“, како што сите вие (паметно) помисливте, оти сте биле на бајачка – ако сте имале среќа, а ако не, остануваат локалните бајачи и нивното „чири бу – чири ба“ (преведено од еден дијалект на Свахили јазикот: или си дел од лицемерието, или можеш да ручкаш).