На лажните вести им се кратки нозете

Кога веќе не постојат регулации во медиумската сфера, единственото привремено решение е засегнатите страни во лажните вести веднаш да реагираат со деманти и со контра-деманти, советуваат експертите.

1074

Информацијата за оставката на техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, што вчера ја објави порталот „Либертас“, немаше сила да издржи ниту 10 минути, без да биде демантирана и оквалификувана како лажна вест.

Според експертите со коишто разговараше Плусинфо, во овој чувствителен предизборен период, кога не постои никаква регулација во сферата на интернет порталите и кога секому му е дозволено да пласира секакви (лажни и непроверени) информации во јавноста, единствениот начин да се возврати ударот и да се спречи поголема штета е брзото реагирање и демантирање.

Извори од ВМРО-ДПМНЕ за Плусинфо, пак, посочија дека „лажната вест за Чулев била само дел од психолошката војна што пропагандата на Зоран Заев ја води против опозицијата“.

На ова реагираше министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој на Фејсбук обвини за аматеризам.

„Брееј! Психолошка војна се водела со една, велат лажна вест, дека Наќе размислувал да даде оставка? Тууу, каков аматеризам! Во мојот случај тоа беше направено профи – со фалсификуван документ, со лажно мое писмо, лажен потпис и лажен печат, демек си давам оставка и тоа ден после референдумот. Ама изгледа тогаш ви беше инвестиција во психолошки мир?“, напиша Димитров.

И министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, деновиве се пожали за серија лажни вести кои биле лиферувани од неколку интернет портали.

– Се работи за серија лажни вести, дека лица вработени во јавни државни институции биле под притисок и налог на директори на институции да дојдат на маршот „Чекориме за правда“ кој беше организиран од страна на СДСМ. Информациите беа проверени и се потврдија за лажни – истакна Манчевски.

Аналитичарот Синиша Пекевски во изјава за Плусинфо вели дека не можеме да зборуваме за справувањето со лажните вести сè додека не се регулира сферата во која ќе влезат интернет порталите.

– Сè додека постојат електронски медиуми чии сопственици и новинари пишуваат сè што сакаат и како сакаат, користејќи и вулгарен речник, во кој припаѓаат и лажните вести, не можеме да очекуваме дека ќе се реши проблемот. Во текот на предизборието, ваквите појави ќе бидат сè почести, со цел да се влијае негативно врз спротивната политичка страна. Кога веќе не постојат такви регулации во медиумската сфера, единственото привремено решение е засегнатите страни во лажните вести веднаш да реагираат со деманти и со контра-деманти. Тоа вчера добро го стори министерот Чулев, бидејќи во рок од 10 минути ја демантираше лажната вест за неговата оставка. Секако, дел од порталите го објавија неговиот демант, но поголем дел не го сторија тоа. Единствената светла точка во целото ова медиумско сивило е тоа што самите граѓани веќе знаат кој интернет портал на која страна влече – објаснува Пекевски.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски, пак, признава дека претстојната изборна кампања ќе биде една од највалканите во историјата на земјава, со лажни вести и со медиумска пропаганда, но како што посочи, Македонија сепак има капацитет да спроведе слободни, фер и легитимни избори.

Инаку, владата на Зоран Заев минатата година најави дека тргнува во акција на елиминирање на можностите за лиферување дезинформации и лажни вести како планетарно зло со кое се разнишува довербата на граѓаните во институциите и во медиумите. Објавен беше и акциски план против дезинформациите, кој содржи безбедносни и проактивни мерки за санкционирање на новинарите кои објавуваат лажни вести.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...