До 8:30 часот утрово косовските специјални сили Росу уапсиле 13 Срби, припадници на косовската полиција на север во Косово, јави Танјуг повикувајќи се на извори.
Директорот на српската Канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ утрово изјави за РТС, дека косовски специјалци напаѓаат Срби на влез во Зубин Поток во обид да влезат во тоа населено место. Тој додаде дека косовските специјалци со оружје упаднале утрово во сите четири општини на север во Косово. Според него, апсењата се извршени „поради некаква вмешаност на тие лица во организиран криминал“.
Претходно беше известено оти претседателот на Србија, Александар Вучиќ нареди ставање на сите единици на Армијата на Србија во состојба на целосна борбена готовност. Тој покренал и дипломатска активност по упадот на косовските специјалци, наведува агенцијата цитирајќи извори во Кабинетот на Вучиќ.
И Министерството за внатрешни работи на Србија ги стави во состојба на целосна подготвеност специјалните и посебните едници на полицијата. Наредбата е издадена по упадот на специјалните единици на косовската полиција – Росу на север во Косово.
Единиците Росу упаднаа утрово со оружје на север во Косово.
Директорот на српската валдина канцеларија за Косово Марко Ѓуриќ рече дека косовските специјални единици, со оружје упаднале на север во Косово „со цел да заплашат и предизвикаат паника со апсења што претходните денови ги најави претседателот Александар Вучиќ“. Ѓуриќ додаде во изјаватa за РТС, дека биле регистрирани и истрели од огнено оружје.