Не ми е лесно и мене, морам да признам, ама изгледа не им е лесно и на оние од рекетарската група, предводена од медиумскиот газда Коки. Известен сум дека деновиве Коки одмарал во еден луксузен ресорт во една соседна земја, каде што, согласно со својот стил, плаќал апартман каде што едно ноќевање чини околу 3.500 евра. Веќе ви раскажував, дечкото е опасен трошаџија, а и редно е да се подготви за битките што следат. Бидејќи на него, на најмалку двајца членови од врвот на СДСМ (сега не се токму на врвот) и на сите од таа групировка, црно им се пишува.
Имено, дознавам дека јавен обвинител веќе сериозно работи на расветлување на рекетот за кој бруи цела Македонија. Прашање на ден е кога некоја од жртвите ќе проговори. Каде што треба, нормално. Патем речено, ако мислевте дека рекетарската група ќе запре поради моите написи, сте се излажале.
Неофицијално слушам дека тие деновиве рекетирале уште една, овој пат скопска фирма. Не ми се познати детаљи и не знам дали успеале.
Човек од државниот врв исто така будно ја следи ситуацијата и очекува докази, за да пристапи кон расчистување на случајот. Во оваа фаза, нему и на обвинителот, можам да им дадам две корисни насоки за тоа каде да ја фокусираат истрагата. Ко за почеток. И ако постои намера да се води сериозна истрага. Се разбира, при тоа јас морам сѐ уште да се држам до својата раскажувачка постапка – значи, повторувам за да нема забуна, јас раскажувам само приказни за ликови на кои сум им дал измислени имиња и не преземам одговорност за било какви препознавања. Тоа го објаснив и во интервју за Гласот на Америка.
Каде ти се парите на сметка, газда Коки?
Првата видлива и легитимна трага води кон медиумот на газда Коки. Но, пред да почнам да раскажувам за медиумот, сакам две нешта да бидат сосема јасни. Прво, нагласив и пак нагласувам дека немам информации дека било кој уредник или новинар од овој медиум е вмешан во рекетирањето. И второ, што и да се случи со Кокичето наше, јас би сакал медиумот да опстане и да се бори на пазарот, со продукција на квалитетни содржини.
Истражувајќи го пазарот на медиумите деновиве (ете, имам малку повеќе време, па редно е да се подготвам за некои идни можни проекти), дојдов до информации од Централниот регистар на Република Северна Македонија, за завршните сметки на повеќе наши медиуми, вклучувајќи го и медиумот во кој до неодамна бев главен и одговорен уредник. Многу интересни се податоците за медиумот на нашиот „влијателен“ Коки, кој има силна и дури и персонална поддршка од луѓе од владејачката партија.
Имено, иако Коки се фали дека неговиот медиум е водечки, факт е дека во 2018 година тој остварил вкупни приходи од само 39,2 милиони денари (десет пати помалку од телевизијата Сител, на пример), а остварениот профит е само 1,8 милиони денари. Чудно, многу чудно – еден наш неделник, на пример, остварил профит од 6,7 милиони денари. Неколку наши портали остваруваат вакви профити. За телевизиите муабет да не правам.
Човек не може да не се запраша: каде се приходите од оние силни реклами, каде е да се појават на приходната страна на медиумот и конечно да резултираат со легален профит, што потоа ќе се оданочи, па газда Коки (или кој и да е формален газда во негово име, што е прекршок само по себе) да си плати данок, да си земе дивиденда и да си ги троши парите со здравје и радост. За ботокси, за филери, за скапи чевли и кошули, за одмори во хотели во кое едно ноќевање, повторувам, чини 3.500 евра.
Новинарските супер-ѕвезди без плати?!
Но чекајте, тоа не е најинтересното од овој документ. Најинтересно е да се види графата „трошоци за вработени“, која покажува колку пари Коки легално потрошил за своите вработени, кои, според законот, треба да се 30 на број. За споредба, Сител телевизија за трошоци за вработените во 2018 година дала над 75,8 милиони денари. Канал 5 телевизија – 56,3 милиони денари. Алсат М – 54,2 милиони денари. Добро, овие телевизии имаат законска обврска да имаат по 100 вработени, три пати повеќе од медиумот на Коки. Според овој стандард, Коки за трошоци за вработени требало да потроши, да речеме, најмалку 15 милиони денари.
Ама, податоците покажуваат чудо – медиумот на Коки за трошоци за вработени потрошил одвај 7,8 милиони денари. Па како тоа, богати? Како е тоа можно? Човекот за едно ноќевање во хотел спискува 3.500 евра, а целиот платен фонд во медиумот му е 12.000 евра? Дали е тоа нормално? Да сум јас некој инспектор во УЈП, на пример, би се заинтересирал за оваа алхемија.
И таман што спомнав инспекција, оооооп! Во мој посед, сосема случајно, дојде списокот на вработените во медиумот на Коки, со сите плати. Нето и бруто. Види мајката, на списокот има дури 50 луѓе, ама поголемиот дел од платите се за имиња кои за мене се непознати и се ниски (освен платата на една позната новинарка, која е пристојна – 55.000 денари). Добро, за Коки очекував да го нема на списокот. Има друго лице со неговото презиме, со мизерна плата од 18.492 денари.
Интересно е дека иста ваква плата – 18.492 денари – зема и еден моден гуру, кој е заштитно лице на медиумот. Па зарем навистина човекот работи само за 300 евра месечно? Не е фер! Една друга позната фаца има плата од само 30.000 денари. Ја најдов на списокот и „асистентката“ на Коки, онаа која разговара за суми „под 200.000 евра“. Госпоѓата прима цркавица од 12.791 денар. Ви се верува? Добро, слушам дека се работи „асистентката“ да се задоволи со локација за градба на ударна позиција во центарот на Скопје, а наводно ќе гради нејзиниот млад син. Не знам до каде е таа работа, но вреди да се провери. Друже Српче, се слушаме?
Најголемо изненадување, сепак, е што на списокот нема ниту една од познатите новинарски супер-ѕвезди, кои се заштитен знак на медиумот на ботоксираниот. Ги отфрлам злонамерните шпекулации дека тие луѓе примаат огромни пари во кеш, но сигурен сум дека не работат за 200, 300 или 500 евра. Единственото логично објаснување е дека луѓето со медиумот на Коки имаат склучено авторски договори и јас сум речиси сигурен дека секој од нив може да го покаже својот договор, за сите да се увериме во злонамерноста на шпекулациите. Добро, не мора јавно да ни ги покажуваатдоговорите (примањата, сепак, се приватна работа), но верувам дека на еден инспектор од УЈП можат да му ги покажат и да докажат во нив нема ништо сомнително – секој од тие луѓе објективно „тежи“ најмалку 1.000 до 2.000 евра месечно, ако не и повеќе, па ако се покажат авторски договори на такви суми, со уредно платен персонален данок, оговарањата ќе стивнат. Патем речено, имам слушнато дека една институција во Скопје има обезбедено информации за тоа колкави се примањата на супер-ѕвездите на газда Коки.
Јадна е таа партија чии раководители се пајташи на Коки!
Ете, тоа е првата насока во која тој што бара докази, може да тргне да истражува. Да потсетам, така своевремено се истражуваа наводите за затајување на данок од страна на Велија Рамковски, кој потоа беше жртва на монтиран судски процес и одлежа 7 години во затвор. Не сакам да правам паралели од ваков вид, само сакам да кажам дека е сосема легитимно да се истражи дали некој медиумски газда платил персонален и други даноци, или не платил.
На втората трага го упатувам лично премиерот Зоран Заев. Знам, тој не е ни полицаец, ни инспектор на УЈП, ни обвинител, ни судија. Но, тој е лидер на владејачка партија, а газда Коки е човек со кого блискоста и дружењето е голем репутациски ризик. Реков веќе, човекот нема трансакциска сметка (значи, нема пари од легални трансакции, бидејќи не смее да отвори сметка, зашто должи пари), има долгови ваму и таму, има неразјаснети приходи, под сериозни сомневања е дека е класичен рекетар (во посед наводно има и „бомби“), а згора на сѐ, човекот, како што веќе ви раскажував, е една огромна машина за трошење пари. Значи, јадна е таа партија чии врвни личности се дружат со тој човек и работат на некакви заеднички „проекти“.
Е сега, можеби Заев не ми верува дека во неговата партија има ликови како Кики, Фрики, Мики и слични на нив, како и една позната личност од правосудството, кои се исклучително блиски со ботоксираниов. Ако не ми верува, може да провери. Ако му речам, на пример, дека пред некој ден ми се јави една личност од неговата партија во која тој имаше голема доверба, да ме замоли да демантирам дека баш тој е Кики, Заев не мора да ми верува. И не барам да ми верува. Барам да си провери, бидејќи крајно време му е – ако може! – и тој и неговата партија да се отргнат од оваа рекетарска група.
Ко то тамо пева во „Хеви кафе“?
Како да провери? Е па сега, ако баш сака, еве му една проста идеја.
Пред извесно време, газда Коки, во еден наш познат локал, после една свеченост, организирал јака журка. Ама ептен јака журка, која завршила со нешто што јас би го нарекол баханалии. Локалот, за оваа пригода, ќе го крстиме „Хеви кафе“. Со оглед на тежината на гостите и тежината на глупостите што се случиле на оваа журка, мислам дека името совршено одговара.
Значи, да сум јас на местото на Заев, би се распрашал кои негови луѓе од доверба, од партијата, биле на оваа журка и што правеле таму. Мадам Фрики, на пример, толку многу се орасположила, што го лапнала микрофонот и фатила да пее. Госпожата од правосудниот систем, инаку ептен популарна, исто така пеела на микрофонот. Ало, женски, што е ова бре, да не е караоке? Јас така би ги прашал двете, да сум на местото на премиерот и министер за финансии во обид.
На журката имало и многу други, мошне интересни ликови, од нашето политичко, но и од нашето полукриминално милје. Сите заедно на едно место, сите во име на заедничката „кауза“, сите во одбрана на… Во одбрана на што, друже Заев? Која „кауза“? Во одбрана на рекетот што живот значи?
Другарчиња, тој ваш Коки, да ви кажам право, е голем срам за сиот поштен свет во Македонија, ама и срам за сите „поштени“ криминалци во оваа земја. Дури и криминалот и мафијата си имаат правила на игра, некоја своја етика, ако така може да се кажe. Овој шапшал не почитува ништо, тој е неконтролирана дијабола, тој на сите, а најмногу на оваа власт, им прави огромна штета. Не ми верувате? Богами, ќе поверувате, зашто моите приказни ќе продолжат, а и без мене некои чуда ќе се случуваат.
Дејствуј, тавариш Заев, дејствуј! Како што гледаш, сѐ повеќе странски дипломати ти кажуваат дека корупцијата е голем проблем на оваа земја, ама не само таа старата, туку и оваа новата корупција. Не „мрчат“ луѓето за џабе. Дејствуј, ако можеш и дури има време!