Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби информира дека вчера биле прегледани тројца пациенти со симптоми на морбили, од кои двајца возрасни пациенти се амбулантски прегледани и пуштени на домашно лекување, а една пациентка е хоспитализирана на клиниката, соопшти Клиниката за инфективни болести.
– Станува збор за 29-годишна пациентка од Скопје, без податок за вакцинален статус.
На Инфективната клиника во моментот се хоспитализирани 19 возрасни и 18 деца со морбили, односно вкупно 37 пациенти со морбили. Еден пациент се наоѓа во потешка состојба на одделот за интензивно лекување, стои во соопштението.
Според податоци од Институт за јавно здравје, во периодот од 2.3 до 8.3.2019 година се пријавени вкупно 83 сомнителни случаи на мали сипаници, додека од почетокот на епидемијата во Скопје, вкупно се регистрирани 493 случаи на мали сипаници.
Од почетокот на епидемијата, вкупниот број вакцинирани лица во Скопје е речиси 10 илјади лица, додека вкупен број вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во државата изнесува 15.151 лице. Високиот одзив на вакцинацијата ќе придонесе за кревање на колективниот имунитет.
Во текот минатата недела во Институтот за јавно здравје се пријавени 2.678 случаи со симптоми на грип, што е за 16,5% намалување во споредба со една недела пред тоа. Вкупниот број заболени од грип оваа сезона изнесува вкупно 15.201 лица.