Извршителите излегуваат на штрајк во четврток, дознава Телма.
Првпат по 13 години под клуч ќе бидат извршителските канцеларии. Одлуката е донесена на вчерашното вонредно Собрание на Комората.
„Доколку Министерството за правда пристапи кон измена на тарифата како што е предложено, без позитивно мислење од Собранието на Комората на извршители, извршителите трајно ќе прекинат со работа сметано од денот на објавата на изменетата Тарифа во Службен весник“, стои во одлуката на Комората на извршители.
Додека извршителите се подготвуваат за првиот протест, денеска пред Министерството за правда се одржа нов протест на граѓани кои што се засегнати од извршителите. Граѓаните бараат да престане со незаконското блокирање на сметките, а нов позасилен протест најавија по новогодишните празници, пред Собрание или пред Обвинителство за организиран криминал.