На здравје!

Ако осведочените празначи на државни буџети стануваат доктори на науки држејќи ни економски лекции, а тоа им го овозможуваат самозаробени укимовски „ментори“ и „комисии“, тогаш - на здравје.

508

Нема подобра сатисфакција од таа кога за една теза ќе добиеш потврда од сериозна, компетентна инстанца. Па нека е тоа и британскиот Комитет за надворешни работи. Или – особено тој! А тој вели дека на државите на Западен Балкан ќе им биде потребно приближно 50-60 години да го стасаат животниот стандард на Европската Унија. Под услов, се разбира, оние – Европејцине – да стагнираат ист број години. Што не може да се случи, никако. Јас честопати ова сум го потенцирал, но за областа на културата. Не сум компетентен да носам судови за општи состојби, иако секојдневно ги живеам, сега и тука, што ќе рече дека секој наш граѓанин кој имал прилика почесто да патува во земјите на ЕУ може да дојде до слични заклучоци.

Нејсе, но за да го заокружам моето видување на македонската самозаробена држава, ова доаѓа како кец на десетка. И не само тоа, се разбира. Зашто, под поимот стандарди Европската Унија, па и британскиот Комитет за надворешни работи, ги подразбираат и демократските стандарди, меѓу другото. И културните, се разбира. Дали тоа нам ни се допаѓа или не, тоа е сепак друга приказна.

Самозаробен ум

Бидејќи пред извесно време почнав со Прибе, еве да го спомнам повторно, во овој контекст: добивме ли објаснување од оној Фити, или од кој и да е друг од она ману (малите букви се резултат на угледот и моралот што владеат во таа институција!) за непримањето на германскиот господин кој ни ја откри дефиницијата на заробената држава, но не сакаше докрај да нè навреди па не го додаде она зборче „само“? Колку што знам – не добивме, ниту пак некој од оние во ману (малите букви се резултат на угледот и моралот што владеат во таа институција!) не смета за достојни за какво и да е објаснување.

Тие веројатно мислат дека е тоа нивна интерна, дури лична работа. Иако живеат – некои и со децении! – од наши пари, буквално. Навистина ли сметаат дека тоа прашање е само нивна работа, онака, за муабет помеѓу две одења на м….., а не и јавна, во значаен дел од значењето на тој збор? Како и да е, тоа е уште една потврда за самозаробената држава, каде секој смета дека е свет за себе, иако живее од туѓи пари, дека никому не му должи објаснување како и за што ги троши истите, зошто некои луѓе – угледни светски имиња – немаат пристап во нивната мечкина дупка, итн. Таа е само нивна и ничија друга! Браво мануковци!!!

А други потврди на истата теза колку што сакате. На пример, каде, ве молам, ќе се случат онакви скандали, онакви провинциски „објаснувања“ за неучество на дел од македонската естрада на онаа владина прослава на добивањето на виза за членство во НАТО? Такво самозаробување, дури самопогубување на минорни единки меѓу кои некои, дури, ги нарекуваат – или се самонарекуваат! – македонски уметници, е невидено во европски размери. Не спорам дали воопшто беше потребно тоа славје, тоа и такво трошење пари, тоа е друг муабет, но: да се повинуваш на диктат односно да откажуваш учество заради стравот од една политичка партија или дури да се премислуваш, тоа да ти стои во потсвеста дека заради учеството можеш да сносиш некакви консеквенции, е па подобар пример од самозаробена држава и самозаробен народ – има ли? Да смислуваш секакви „објаснувања“, да се глупираш и резилиш пред целата македонска јавност од пусти страв „што ако“… ?

Или, најновата информација за руската „финансиска помош“ во протестите контра сè што е добробит за оваа држава? И тоа ќе го правдаме со сиромаштијата што владее во државава? Не, тоа е резултат на самозаробен ум, на самозаробен поединец, на самозаробена држава! И токму за тоа треба отприлика 50-60 години за некакво, какво-такво ослободување. Ако не и повеќе. Или, ако сакате, погледнете ја блокадата на „најпатриотската“ партија на работата на Собранието, па дури и за најважните закони. Тие болни умови сакаат буквално да ја држат цела држава како заложник на некои нивни ситнопартиски и теснолични интереси, за пазарења со сè и сешто. И тоа, велат болните, било – демократија. Ма немој, цела држава да зависи од неколку дијагностицирани умови, нивните ненормални напори да ја спречат правдата да си ја заврши започнатата работа со бившото им раководство.

За идните генерации

Ако цела една „партија“ можете да ја оквалификувате како самозаробена, а истата била на власт во државава последниве дванаесеттина години тогаш има ли некој да и противречи на мојата теза за самозаробена држава? И со кои аргументи? И ако Хан – каков е, таков е, евроминистер е – ама и цела ЕУ вели дека ние немаме институции, а јас тврдам дека имаме ама се самозаробени, што му доаѓа на исто, тогаш: за што ние правиме муабет? Или, ако кај нас осведочените празначи на државни буџети и, патем, останати државни банкомати стануваат доктори на науки држејќи ни економски лекции, а тоа им го овозможуваат самозаробени укимовски (малите букви се резултат на угледот и моралот што владеат и во таа институција!) „ментори“ и „комисии“, а патем целиот уким (малите букви се резултат на угледот и моралот што владеат во таа институција!) молчи правејќи се на тошо небаре тоа не ги засега, тогаш, повторно – за што ние правиме муабет? Демек, и тоа е демократија: ординарни „онакви“ да стануваат доктори на науки? Ако е така – на здравје.

Мене тоа ми личи како на малоно германско автентично фирерче, по некоја случајност да останеше живо, властите потоа да му овозможеа да (од)брани докторат на тема „Демократските принципи во Германија во времето на Третиот рајх“! Ама, тие не би биле толку глупави, нели? А впрочем, на здравје и докторатот, на пример, на пуфлата, којашто дефинитивно, и докажано, комплетно ја дезинтегрира македонската култура, ама затоа нејзините „ментори“, кои и да биле тие шутраци, ја докторирале на тема „Европскиот културен модел и културно интеграциската политика на Република Македонија“. После сè што упропасти, после целата провинцијализација на македонската култура? Па и за вторана пуфла, онаа полуписменана „полицајка“ која се изрезили до даска во „бомбите“: кои беа тие умни самозаробени глави кои ја докторираа и згора ја облекоа во тоа тогата? Па ако веќе моравте, зошто не ѝ го пративте сертификатот по пошта, барем да не ја гледате? Или, всушност, баш и сакавте да ве сликаат со неа, мислевте ќе ќарите нешто плус? Ситни, бедни души. И има ли потреба да се коментира онаа Василевска? А ако прашате: извинете, вие се заебавате со нас, шутраците се наоѓаат навредени.

Самозаробениот ум, дефинитивно, е клучниот проблем на оваа држава. Не заради мојата убеденост во тоа, туку заради се поочебијните докази за таквите наши состојби на кои некој мора да им обрне барем малку внимание. Не заради мене/нас – подразбирајќи ја тука мојата генерација, на пример, или неколку генерации помлади, кои сепак ја имаа таа предност, тоа задоволство да се развиваат со отворени умови – туку заради младоста на оваа земја. Ако сакаме да ја имаме, се разбира.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...