Премиерот Зоран Заев денеска потврди дека дел од објавените разговори во изминативе денови што ги слушнал се дел од пакетот материјали што ги предал во СЈО и оти е важно што МВР и Обвинителството постапуваат по нив согласно своите надлежности.
– Од министерот за внатрешни работи сум информиран дека тие ги превземаат сите дејствија и мерки согласно законот. Тие постапуваат, очекувам одлуки од Јавното обвинителство. Знам дека пред недела, две, исто така, имаше емитување на бомби што задираат и во приватноста и е поднесена соодветна кривична пријава од страна на Јавното обвинителство. Ако се повторуваат ваквите работи законот е јасен околу ова како постапуваат институциите. За мене е значајно институциите да постапуваат. Дали се тоа дел од разговорите, тоа што го имав слушнато, а ги немам слушнато сите разговори, малку ми стана и мачно после долго време, е од делот на пакетот што го предадов во СЈО, што секако само потврдува дека ние сме добиле само дел од тоа што на времето се правело како неовластено прислушкување, и го имало на други страни. Но, добро е што има закони и се надевам дека институциите на системот ќе постапуваат строго по законите – рече Заев.