Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска оствари средба со министерот за здравство на Република Косово Уран Исмаили, каде разменија искуства и информации во областа на здравство во двете држави, соопшти Министерството за здравство.
На средбата, министерот Филипче го запозна косовскиот министерот Исмаили за новините кои се воведоа во здравството. Со воведувањето на двата нови типови на упат во националниот систем Мој Термин се подобрува здравствената евиденција и се поедноставува работата на здравствените работници, процесот на упатување на пациентите и побрз пат до услугата која им е потребна.
„Значајно ги зголемивме платите на здравствените работници. Минатата година за првпат обезбедивме средства за вложениот труд на приватните специјализанти. Преку континуирана грижа го враќаме достоинството на сите наши здравствени работници!“, истакна министерот Филипче.
Министерот Филипче го запозна косовскиот министер Исмаили со интегрираниот сервис за домашна посета, со кој граѓаните од оддалечените места, руралните средини добиваат здравствена услуга и заштита во домот.
На средбата беше разговарано и за изградбата на новиот Клинички Центар, унапредувањето на достапноста на гинеколози во државата преку воспоставување на поголема територијална покриеност и достапност на кадарот во здравствените региони каде што гинеколошките услуги на примарно ниво не се достапни или достапноста е ограничена.
Заложбата на Министерството за здравство е да се препознаат компетенциите на матичните лекари – специјалисти по семејна медицина коишто вклучуваат и грижа за сексуалното и репродуктивното здравје како што се услуги за семејно планирање, контрацепција, сексуално преносливи инфекции итн.
„Со измената на Законот за здравствена заштита, за првпат секој млад лекар ќе добие шанса да се ангажира во системот на јавно здравство“, потенцираше министерот Филипче.
По средбата, министерот Филипче и косовскиот министер Исмаили ја посетија Клиниката за хематологија во Скопје, каде на докторите од Косово им беше понудена експертиза во областа на трансплантацијата. Минатата година на оваа Клиника беше направена првата трансплантација на матични клетки од несроден донор.
Во 2010 година, Министерството за здравство на Република Северна Македонија и Министерството за здравство на Република Косово потпишаа Спогодба за соработка во областа на здравството и медицинските науки.