Точно на двегодишнината од смената на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ, во јавноста протече информација дека во ходниците на новото партиско седиште во центарот на Скопје ги нема веќе сликите на претходниот партиски лидер и долгогодишен премир Никола Груевски, кој сега е азилант во Будимпешта.
Иако мошне раскошната зграда беше изградена во негово време, две години по смената на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ, од партиското седиште се отстранети сликите на кои е Груевски. Како што јави Телма, опозициската партија го оправдува ваквиот потег со потреба од нови илустации за нови лица.
-Планираме нова содржина на илустрации на проектите што ќе ги работи идната влада преводена од ВМРО ДПМНЕ, се со цел да можат новинарите од блиску да се запознаат со истите – изјавиле од ВМРО ДПМНЕ.
Дека ВМРО ДПМНЕ сака да дистанцира од поголем број поранешни функционери и актуелни пратеници говори и најавата дека на пратеничките листи на партијата за изборите во април, главно, ќе има нови и досега неафирмирани кадри.
Актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Христијан Мицкоски, беше избрано пред точно две години – на 23 декември 2017, на вонредниот партиски конгрес во Валандово. Претходно, поранешниот премиер Груевски поднесе оставка и од највисоката партиската функција, а една година подоцна избега од државата.
Освен случајот „Тенк“, за кој е донесена правосилна пресуда и кој беше причина Груевски да избега од правдата во земјава, против претходниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ се водат кривични постапки за други предмети што беа во надлежност на СЈО. Еден од тие случаи е и „Талир“, кој во еден дел се однесува изградбата на новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ, а во вториот дел на финансирањето на партијата. Груевски е еден од обвинетите и во овој предмет.
За наследникот на Груевски на чело на партијата, пак, ова ќе бидат први предвремени парламентарни избори, иако прв изборен тест за Мицкоски, всушност, беа годинешниве претседателски избори. Мицкоски се надева на победа на ВМРО-ДПМНЕ на престојните избори и на освојување апсолутно мнозинство, кое би ѝ овозможило на партијата сама да формира влада по три години поминати во опозиција.