Достоинствено, со повеќе настани, со почит пред гробното место на Гумење, со роденденска торта и многу емоции, Крушево и фановите од земјава и странство денеска го одбележаа 25 јануари, роденденот на големата македонска и балканска музичка ѕвезда и хуманистот Тоше Проески.
Тортата од семејството на Тоше и онаа од фановите од Бугарија од изутрината им се делеа на посетителите на вечното почивалиште на Тоше на Гумење.
Спомен куќата на Гумење беше средиште на сеќавање и повеќе настани: цртежи и лични творби за Тоше, уникатни изработки, преработки на неговите песни, традиционална крводарителска акција. Има и нов експонат, вели директорката на спомен-куќата Елена Мирчевска.
– Имаме многу настани и го одбележуваме овој ден достоинствено. Посветени се учениците од средното крушевско училиште „Наум Наумоски-Борче“ и од основното „Никола Карев“. Посебно е тоа што, според програмата од Министерството за култура, првпат ја изложивме облеката што Тоше ја носеше кога ја претставуваше Македонија на Евросонг 2004 година. Тоа е реплика. Инаку имаме околу 700 експонати и традиционално за роденденот на Тоше, ги обновуваме. А посетителите за овие осум години се преку 650.000 од кои 30 отсто од странство, посебно од балканските земји, а чести се посетителите од Русија, од Холандија, Чешка, Нов Зеланд, Австралија – вели Мирчевска.
По 12 години од смртта на Тоше почна на се гради спомен обележјето.
– Конечно, по 12 години откако Тоше Проески трагично загина во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска, се гради спомен-обележјето на неговото вечно почивалиште на Гумење. Од Владата се обезбедени 10 милиона денари, обележјето е симболично и треба да биде готово до јуни – нагласува претседателот на крушевскиот Совет Тома Петроски.
– Обележјето е симболично. Во основата е во форма на крст како симбол на Тошевата религиозна припадност и вербата во Бога, всушност ова е и гробно место. Инаку, однадвор впечатокот за обележјето е како две раце склопени во молитва. Споеред приликите, треба да биде готово до јуни, а може и порано – објаснува Петроски.