Два случаи на повреда при работа се регистрирани во гостиварско во изминатото деноноќие. Во едниот е повреден дрвосечач, а во вториот е тешко повреден градежен работник.
Според СВР Тетово, А.И. (48) од долнореканското село Требиште, додека вчера сечел дрва во месноста „Осој“, се самоповредил откако на главата му паднало дел од дрвото. По укажаната лекарска помош во Здравствениот дом Ростуше и гостиварската општа болница, тој бил упатен и задржан на скопските клиники. Увидот на местото се врши денеска.
Утрово во гостиварската болница со тешки повреди бил згрижен А.Џ. (29) и препратен на скопските клиники. Повредите ги задобил при пад од ѕид на објект во изградба.