На годишнината на упадот и крвавите настани во Собранието, денеска во Кривичниот суд во Скопје треба да продолжи судењето за случајот за обидот за убиство на лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадн Села.
На денешното рочиште треба да се гледаат фотографии и видеа од претепувањето на Села на минатогодишниот 27 април. Тие се дел од доказите во обвинението.
На претходното рочиште кое се одржа во средата, обвинителството побара од листата докази да се повлечат дел од фотографиите и видеата, а како причина се наведе повторувањето на содржината со други докази. Исто така, надлежниот обвинител предложи од видеата да се гледаат и само интервали наместо цели, со цел економичност во судската постапка.
Обвинети во овој случај се десет лица: Кире и Цејо Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра
Обидот за убиство на Села е еден од четирите случаи кои стигнаа до суд, а се поврзани со „крвавиот четврток“. Лани во мај, на условни казни за учество во толпа беа осудени девет лица. Во октомври минатата година судска пресуда падна и за Панче Анѓелов, човекот кој ја нападна и влечеше за коса по тогашната пратеничка, сега министерка за одбрана, Радмина Шекеринска. Тој го призна делото, а судот го осуди на четиригодишна казна затвор.
Четвртиок предмет е оној кој се однесува на терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. За овој предмет подигнат е обвинителен акт против 30 лица, истиот е доставен до судот од каде треба да дадат оценка за обвинението.
Меѓу обвинетите во овој предмет се екс министерот за внатрешни работи и директор на БЈБ, Митко Чавков, петмината пратеници Јохан Тарчуловски, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски и Љупчо Димовски. Меѓутоа, со ова обвинение не беше соопштено кои се нарачателите на настаните. Од обвинителството соопштија дека покрај обвинетите 30 лица, постојат и други сомнежи, па истрагата за тоа ќе продолжи и не се исклучува можноста да бидат опфатени и нови лица.