На „Арцелор митал“ му виси казна од 70.000 до 100.000 евра за поморот на риби во Вардар

Дали за еколошката катастрофа ќе следи и кривична, ќе се знае за два дена, засега забранет за работа погонот на Арцелор Митал.

1328

Државниот Инспекторат за животна средина ќе го забрани за работа погонот на Арцелор Митал – Либерти хаус груп, по завчерашната еколошка катастрофа во Вардар, а дали спрема раководството на оваа компанија ќе следи и кривична пријава, ќе се знае најмногу за два дена.

За овој инцидент, излевање на железо и киселина во Вардар кај Ново Лисиче, без претходно соодветно третирање, по што се случи и масовен помор на риби, може да биде поднесена и прекршочна пријава, со можна парична казна (глоба) од 70.000 до 100.000 евра. Хемичарите категорични – да, ова е силен отров, киселината нагризува и слузокожа и ткива, а резултатите треба да покажат дали и колку била нарушена и ПХ-вредноста на водата во Вардар и колку хлориди имало.

Еколошката катастрофа се случила поради пукање во погонот при што дошло до излевање на материјал измешан со железо и киселина без соодветно да биде третиран во системот за отпадни води и обоена црвеникаво-жолта отпадна вода завршила во реката Вардар, потврдија вчера од инспекторатот.

– Контаминацијата на Вардар е предизвикана од Арцелор Митал – Либерти хаус, во чиј погон вчера бевме на терен, по што имавме соопштение. За тоа што понатаму ќе преземеме, ќе ја информираме јавноста, а сега чекаме дополнителни информации и од компанијата и целосните резултати од анализите на водата по инцидентот. Постапката е во тек, а погонот секако, и без забрана, не може да работи поради инцидентот, но  секако ќе следи престанок на работа на оваа линија – ни рече Пејо Кировски, раководител на одделението за инспекциски надзор во животна средина и природа за скопскиот регион.

За тоа дали за овој сериозен прекршок ќе следи и кривична пријава, од Инспекторатот денеска појаснија:

– Во моментов не можеме да кажеме дали ќе биде поднесена и кривична пријава  спрема компанијата. Ги чекаме и лабораториските испитувања, а согласно законот и зависно од консултацијата и со правниците, ќе видиме дали ќе има и кривична одговорност, но тоа сега сѐ уште не можеме да го кажеме. Треба да се направи и проценка на штета што сега ја прават проценителите.

Доколку овој инцидент биде ставен во трета категорија, тоа значи дека предизвикувачот може да добие прекршочна пријава со парична казна од 70.000 до 100.000 евра.

– Постапката е таква што инспекторот мора да понуди записник за спогодување и ако прифатат, Комисијата за спогодување го презема случајот и таа ја одредува и  казната. Има 4 постапки, а ако двете страни не успеат да се спогодат, тогаш случајот оди на Основен суд. Ние како Инспекторат може до 90 дена да го затвориме погонот, за што денеска и го изготвуваме решението или до отстранување на причините за инцидентот – изјави Дарко Блинков, раководител на одделението за аналитика и меѓународна соработка во Министерството за животна средина.

Дали некаква олеснителна околност за компанијата која го предизвика овој тежок еколошки инцидент ќе биде тоа што претходно се случила хаварија во погонот, па во Вардар се слеаја нетретирано железо и киселина што предизвика масовен помор на риби, останува да видиме.

Либерти Скопје вчера објасни дека станува збор за технички инцидент кој се случил на линијата Лужилница:

– Либерти Скопје го пријави до надлежните органи техничкиот инцидент кој се случи на линијата Лужилница. Ние спроведуваме сеопфатна истрага за настанот. Тесно соработуваме со надлежните органи и претставниците на заедницата за да ја разбереме причината за инцидентот – соопштија од компанијата.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...