Најчевска: Време да им се спротиставиме на насилници кои уништуваат, заштитени од власта

Оваа држава стана држава во која не е пријатно да се излезе на улица, не е пријатно да се појде во продавница, не е пријатно да се појде во училиште, не е пријатно да возиш ни да одиш пеши, не е пријатно да одиш во ресторан или на пазар, не е пријатно да се живее, пишува Најчевска.

4017

Мирјана Најчевска на својот фејсбук профил ги коментира последните случувања со дивоградбата во Охрид која никна до најстарото дрво во земјава Чинарот, но и бранот насилно однесување во земјата.

Таа вели дека е време да им се спротиставиме на насилниците кои се заштитени од власта. Не со демонстрации, туку секој ден во секоја ситуација на секој можен начин.

„Не знам во кој момент се променија вредностите.
Во кој момент стана престиж да бидеш глуп, неук, примитивен, насилен?
Во кој момент знаењето го замени итроштина, а професионалноста блеф.
Не знам.
Само знам дека тоа не се случи ни вчера, ни завчера.
Постепено пробиваше за да процвета во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
Пред тоа имаше еден-двајца примитивци и колку што се сеќавам само еден професор промовираше вулгарност и примитивизам.
Денес веќе имаме генерации кои не знаат за поинаков вредносен систем.
Генерации на бесни, полни со омраза, примитивни млади луѓе кои лаат и гризат и гребат и гнасат се што ќе им дојде под рака.
Не бегаат младите луѓе од државичето само затоа што не можат да најдат работа или затоа што немаат материјални средства за убав живот.
Бегаат и оние кои едноставно не може да ја поднесат атмосферата на омраза и непријателство и нетрпение и нервоза и насилство и непристојност.
И нема да се вратат независно од економската ситуација.
Оваа држава стана држава во која не е пријатно да се излезе на улица, не е пријатно да се појде во продавница, не е пријатно да се појде во училиште, не е пријатно да возиш ни да одиш пеши, не е пријатно да одиш во ресторан или на пазар, не е пријатно да се живее.
Ова е држава на насилници кои уништуваат. Заштитени од власта.
Мислам дека е време да им се спротиставиме.
Не со демонстрации. Туку секој ден во секоја ситуација на секој можен начин.
Време е да кажеме дека навредите не се културен белег и дека љубезноста не е слабост и дека насилството не не импресионира и не не плаши.
Време е да и кажеме на госпоѓата која ја остава вреѓата со ѓубре покрај влезната врата дека тоа не е во ред и да им кажеме на децата од маало дека тепањето маче не е кул и да му кажеме на насилникот кој изградил пицерија покрај најстарото дрво во државата дека не се согласуваме со тоа и на функционертот кој го запира сообраќајот за да пројде дека тој е наш службеник, а не газда.
Некако мислам дека е сега крајно време“, напиша Најчевска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...