Што се однесува до мене може да ги води и на латински јазик, меѓутоа тоа нема ни за ангстрем да ја промени положбата на граѓаните на Македонија од албанската етничка заедница, напиша на Фејсбук професорката Мирјана Најчевска по објавата дека претседателот на Собранието Талат Џафери го потпишал Законот за јазиците и реакцијата на вицепремиерот Бујар Османи дека Џафери може седниците да ги води на албански јазик.
– Нема да ги направи чесни луѓе партиските челници од албанската заедница, нема да го исчисти воздухот во Тетово и Гостивар и Кичево и Куманово и Струга, нема да го намали бројот на каменоломи по патот кон Маврово, нема да ја запре градежната мафија, нема да ги запре партиските вработувања, нема да ја намали неписменоста ниту пак доенечката смртност, нема …
Ова со јазициве најсериозно мислам дека е само фрлање на прашани во очите на луѓето.
Значи, ајде да видиме како новиот закон за јазиците ќе влијае на подобрувањето на благосостојбата на граѓаните.
Еве моиве Македонци цело време на македонски зборат на цела територија на Македонија и тоа не ги прави ни попаметни, ни помалку алчни ни помалку корумпирани.
А да воведеме есперанто и да тргнеме во иднината?, напиша Најчевска.
Професорката реагира и на информациите дека објавувањето на Законот е државен удар.
– Не, не е државен удар формално објавување на Закон кој е легално донесен од страна на легално избраните пратеници во Собранието на државата.
Државен удар е непотпишувањето на овој закон од страна на претседателот на државата спротивно на Уставот.
Не знам дали некој ви кажал, ама Собранието е претставничкиот дом на граѓаните и таму се одлучува, а претседателот е извршител.
Претседателот кој го крши уставот треба да биде тргнат од функцијата од страна на Уставниот суд.
За жал ние немаме Уставен суд туку збирштина од луѓе облечени во наметки кои глумат уставен суд, напиша Најчевска.