Најтешка криза на Владата

938

Во очекување на првиот снег, тешки облаци надвиснаа над Прага и тие не се есапат за метеоролошка, ами за политичка појава. Жуборењето на обековечената Влтава не е романтичен, како низ неа да се тркалаат тешки камења кои внесуваат неспокој во градов. Одбележувањето на празникот 17 ноември, во спомен на настаните во ноември 1939, а особено на кадифената револуција и падот на комунизмот во 1989 година, како и обично, се одржа во Прага и некои други поголеми градови во Чешка. Овој ден овде означен за Ден на борбата за слобода и демократија и по тој повод се одржуваат многу настани – дефилеа, концерти, собири, говори.

Годинава, меѓутоа, на повеќе места, одбележувањето на празникот се претвори во граѓански протести. Додуша, протестите во Прага се чести и се сметаат за фолклорен елемент на чешката демократија, за предупреди против кои никој нема ништо против и кои никој не ги оценува како во онаа нашата народна: кучињата лајат, карванот си врви. Овие протести не беа од оние вообичаените и за нив, со нашински јазик, би можело да се рече дека нешто се „шаренееше” во Чешка.

 

Увертирата се случи ден-два пред празникот, кога пак се пушти чад од фамозното „Штрково гнездо” на премиерот Андреј Бабиш, чешки милијардер за кого во овдешната јавност може да се чуе и прекарот ,,чешки Трамп”. Беше обелоденето, имено, дека син му од првиот брак, кој ги потпишал сите документи за користење на околу 10 милиони круни од европските фондови за фармата ,,Штрково гнездо” и кој инаку живее во Швајцарија, кога ,,пукна” аферата бил киднапиран и префрлен на Крим, каде што, нели, најубаво се молчи. Од самиот почеток Бабиш, кој тогаш беше потпретседател на Владата и министер за финансии ги отфрлаше сите обвиненија за злоупотреба на европските фондови, велејќи дека се работи за груба местенка од страна на неговите политички противници. Сепак, полицијата поведе постапка за случајот, во чиј знак минаа и ланските избори на кои Бабиш однесе уверлива победа, но сепак не доволна за самиот да состави нова влада.

Сегашнава криза, меѓутоа, се проценува како најтешка со која се соочува премиерот Бабиш. Неговите коалициони партнери веќе размислуваат дали ќе останат во Владата и ќе ја продолжат соработката со АНО (да) на премиерот. Во петокот, ден пред прославата, полицијата објави дека се сомнева дека зад престојот на синот на Крим може да стои можност Бабиш да го тргне настрана синот од истрагата за „Штрковото гнездо”. Пред тоа, чешките власти побарале помош во врска со случајот од врховниот обвинител на швајцарскиот кантон во Цирих, а потоа побараа соработка и од банките и обезбедување на бановнки записи. Обвинителството на кантонот Цирих не објави какви информации барало општинското обвинителство од Прага, кое исто така не дава никакви коментари за тековната истрага. Бабиш постариот одрекнува киднапирање на неговиот син, наведува дека тој е болен од шизофренија. Во саботата, на Денот на празникот, невообичаено, Бабиш положи цвеќе на споменикот во центарот на градот по полноќ и пред мугрите одлета за Швајцарија, каде што Бабиш помладиот живее со мајка му.

Како и да е, празничниот собир пред Споменикот на Денот на борбата за слобода и демократија, се претвори во масовен протест, кој, со учество на повеќе илјади граѓани заврши на централниот градски плоштад Вацлавски намести. Пред споменикот актуелниот политички врв беше исвиркан, нивните цвеќиња фрлени во кантите за отпадоци (што се оценува како невкусно скрнавење на празникот). Националните политичари сепак останаа на светото место, како што го нарекуваат плоштадот Народни трида каде што е поставено спомен обележјето и беа сведоци дека на американскиот амбасадор граѓаните му приредија топло доборедојде и го поздравија со аплауз.

Претседателот на чешкиот Сенат Јарослав Кубер од опозиционата ОДС смета дека ситуацијатав е лоша, но не и очајна: „Ние мораме да ја браниме слободата, никој не може бесплатно да ни ја даде. За жал, некои луѓе кога живеат добро, не сфаќаат дека за неколку секунди се губи слободата…”

Премиерот Бабиш се врати од Швајцарија, никој не го знае исходот од таа посета, како што никој засега не се осмелува да го прогнозира натамошниот тек на настаните. Не се драматизира, но се чувствува дека е напнато, а и тежеста на надвиснатите облаци врз тукашниот политички живот…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...