Најмрачното место…

1203

Најмрачното место на кое можев да бидам во 4 часот наутро е Клиничкиот центар во Скопје. Во тој град во град, мрачен град во град, ме пречекува рампата за паркинг. Влегувам со притисок на валканото копче и го извлекувам билетот. Уличките се преполни со дупки. На речиси секој агол гледам кучиња кои подзастануваат и со поглед го следат моето движење, а потоа се враќаат на ноќното досадување. На раскрсниците има релативно нови патокази за тоа која клиника каде се наоѓа. Уличките се мрачни, па затоа морам да пуштам долги светла за прочитам што пишува на нив.

Детската клиника е тивка. Сепак, влезот е осветлен, а на ѕидовите се нацртани хероини од Дизниевите анимирани филмови. Дежурната докторка е уморна, но љубезна и професионална. На излегување, забележав една порака до дежурниот персонал, со сите големи букви, со неколку правописни грешки и многу извичници. Најдолу пишува дека тоа е НАРЕДБА ОД ДИРЕКТОРКАТА. Понижувачки за персоналот, но и за пациентите. Каква болница е ова, во која персоналот се третира така пред очите на секој што влегува таму? Постапката во лабораторијата е брза, младиот лаборант е уморен, но љубезен. Лифтовите чкрипат, стари и валкани. За услугата плативме 108 денари.

Следна станица е Интерно, на вториот кат, каде што е Клиниката за уво, нос и грло. Од десната страна е Токсикологија. Светлината е слаба. Од Токсикологија излегува една група луѓе. Едниот турка пред себе една стара болничка количка на која е седнат постар човек, пациентот, со главата навалена на едната страна, се тресе од нерамната калдрма. Нема болнички персонал. Само две-три кучиња немо ја следат поворката. Во едно старо возило, веднаш до влезот во Токсикологија, спијат луѓе. Влезот во Интерно е како од хорор филмовите. Се качуваме по скали, само за да утврдиме дека на вториот кат скалите се блокирани од стари профили, искршен мебел, отпад. Грешка, не е тоа. Назад по темните и валкани скали. По вториот обид, успеваме да ја најдеме Клиниката. Гробна тишина и смрдеа. Излупени ѕидови. Како во научно-фантастичните филмови блеска новата врата на Неврологија, нестварно, во мрачниот и валкан амбиент. Како потсетник дека може поинаку.

Ѕвониме. Ни отвора болничарката, поспана. Нѐ упатува во амбулантата. Не чекаме долго, но веднаш паѓа в очи старата опрема, како од црно-белите филмови, мебелот пред распаѓање и пеперутките. Десетина пеперутки, сиви, со темни рабови по крилцата се распоредени по ѕидовите, а неколку летаат. Две беа на стариот под, превртени, мртви. Прегледот траеше кратко и сѐ се задржа на дијагнозата и извештајот на дежурната докторка во Детска. На излегување од Интерно, забележувам една мачка како излегува од клиниката. Бавно, мрзеливо, како по дома.

Во нешто пред 5 часот наутро во центарот на градот работат две аптеки. Платив за лекарствата приватно, 700 и нешто денари. Само матичен може да препише рецепти за лекови со учество на Фондот за здравство. Ако е ноќ, празник или викенд се плаќа целиот износ. Јас имав пари овој пат. Што ќе беше ако немав? Што е со сите оние што минатата ноќ немале пари, а имале итна потреба од лекови?

Кога стасавме дома, долго ги триеме рацете со сапун. Грдо искуство, многу грдо. А ова е сторија што е на самата површина. Знам за трагични искуства, самиот имам трагични искуства со македонското здравство речиси три децении.

Нема да напишам што точно ми е на врвот на јазикот во овој момент.

На Министерот за здравство му посакувам успешен работен ден. И многу здравје на сите мои сограѓанки и сограѓани, за да не мораат да си имаат работа со македонското здравство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...