Имаме пораст на бројот на заболени од мали сипаници (Морбили) и се регистрирани најголем број, односно 104 заболени во изминатата недела. Од нив најголем број (74) се од Скопје, а останатите 30 се од другите градови. Епидемијата на мали сипаници е во ек. Единствена заштита од заболување или од тешки форми на прележување на грипот е вакцинацијата, изјави денеска д-р Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје.
Посочи дека бројот на градови кои пријавиле број на заболени расте и очекуваат дека во наредните недели нема да има брзо смирување на состојбата со епидемија на мали сипаници.
Од околу 16.000 деца во школска и предшколска возраст во Скопје, нагласи, околу 11.100 се вакцинирани, а на територијата на државата, од околу 25.000 невакцинирани деца досега се вакцинирани околу 6.500.
– Грипот е заболување од кое се умира. Ако не можеме да делуваме на антигенските и генетски промени на вирусот на грип и на неговата вирулетност и моќта да предизвика заболување може да делуваме на друг начин, да се заштитиме себеси и нашата непосредна околина. Државата мисли на тоа. Оваа година беа набавени вакцини кои се даваа на бесплатна база и вакцини кои можеа да се купат. Бројот на вакцинирани за жал е нешто повисока од минатите години, но сепак е мала. Апелирам посериозно да се сфати оваа болест. Можеме да делуваме таму каде можеме, луѓето да примат вакцина кога можат и кога треба да примат и на тој начин ќе се заштитат себеси, ќе ги заштитат своите најблиски, хронично болните, повозрасните лица и децата, рече д-р Кузмановска.
Потенцира дека вирусот на грип е многу подложен на промени и во текот на една сезона многу често знае да прави рекомбинации и да го менува не само подтипот, како нешто на повисоко ниво, туку и дел од помалите составни честички на вирусот.
– Токму заради тоа вакцината понекогаш е поефективна, а некогаш е помалку ефективна. Во вакцината се содржи сојот кој во текот на минатата сезона предизвикувал најголем број заболувања, а тие мутации се многу чести кај грипот. Оваа година поради тие мали промени добивме еден поагресивен тип H1N1 подтип на вирус, што предизвикува смртни завршетоци и тоа не само кај популацијата на возраст над 65 години. Во текот на сезоната од пета до осма недела имаше голем број починати на возраст до 65 години, додаде д-р Кузмановска.