Најмасовниот протест на албанската опозиција заврши мирно

68

Со обраќањето на лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, од пред партското седиште, заврши синоќешниот, десетти по ред „национален протест“ на обединетата албанска опозиција, кој е прв по локалните избори на 30 јуни, кои таа ги бојкотираше.

Баша порача дека премиерот Еди Рама „добил печат за заминување од апсолутното мнозинство на албанските граѓани“. Тој истакна дека следните денови и недели ќе ја интензивираат политичката акција за да се даде суштина на промената.

– Благодарение за вашата битка дури и кога гасот ги исполнуваше вашите бели дробови, благодарение на вашата пожртвуваност денеска апсолутното мнозинство Албанци го прифатија вашиот повик: Рама оди си. Печатот за заминување Рама го доби од апсолутно мнозинство Албанци. Следните денови и недели ќе бидат исполнети со политичка акција која ќе и даде суштина на промената. Еди Рама ќе замине, но наша должност е да не се преоптоваруваме со политичката ротација што доаѓа. Ова е мое ветување пред вас, црвено-црното знаме и пред Бога. Сите заедно ќе ја формираме надежта за промена. Бог да ве благослови, вашите семејства и сите Албанци, каде и да се – рече Баша.

Во првото обраќање пред Владата, Баша, обединетата опозиција ја нарече „незапрлив политички ураган“, им се заблагодари на сите поддржувачи и упати апел до социјалистите.

– Сакам да им се обратам на чесните социјалисти: Вие не сте крадци, не сте криминалци, не ја оставајте партијата во рацете на крадците, одговорност е кон себе и кон Албанија, напуштете го Еди Рама. Спасете ја партијата и вашата чест земени во заложништво од уличните криминалци – порача Баша.

И во двете обраќања тој не се откажа од условот за заминување на Еди Рама, наведувајќи дека „тоа е единствен начин да се стави крај на политичката криза“, по што, според него, ќе биде спроведена уставна и изборна реформа.

На протестот, кој според организаторот бил најмасовен досега, само од внатрешноста учествувале над 70.000 граѓани.

Пред владата учесниците симболично имаа поставено големи гласачки кутии на кои пишуваше „кутија на кражба“ во кои ставаа ливчиња со „Рама оди си“, како и макета на орел, симбол на албанското национално знаме на кое беше напишано „85%“, што, според опозицијата, е процентот на албански граѓани кои не излегле да гласаат на изборите. Освен „Рама оди си“ демонстрантите извикуваа „ја сакаме Албанија како цела Европа“ и „ја сакаме Албанија без Рама“. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...