Во земјотресот што ја погоди Албанија утрото загинаа најмалку 20 луѓе, меѓу кои и две деца, и повредени се речиси 600, јавија албанските медиуми.
Земјотресот беше со интензитет од 6,4 степени по Рихтеровата скала со епицентар меѓу Драч и Тирана, на длабочина од десетина километри. По силниот земјотрес, следуваа уште неколку потреси.
Во меѓувреме продолжуваат спасувачките операции.
Премиерот на Албанија Еди Рама и лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша се во посета на подрачјата на Драч и на Тумана што најмногу беа погодени од земјотресот. Баша го повика Рама без одлагање да прогласи вонредна состојба во државата.
Во придружба на вицепремиерот Ерионa Брaче и министерот за внатрешни работи Сандрер Леша, Рама се состана со локалното население чии куќи се урнати во силниот земјотрес.
– Денескс, повеќе од кога било, ние стоиме со семејствата на оние кои ги загубија своите најблиски во оваа природна непогода – рече Рама.
Премиерот им упати длабоко сочувство, уверувајќи ги сите на кои членовите на семејството се уште им се заробени под урнатините дека властите прават се што е потребно за да се спаси секој човек.
Тој рече дека досега од урнатините е спасено 41 лице.