Бројот на жртви во инцидентот што се случи во Политехничкиот колеџ во Керч се искачи на 18, а повредени се 47 лица, изјави кримскиот лидер Сергеј Аксјонов.
– Осомничениот напаѓач се самоуби. Тој беше ученик во четврта година. Неговото тело со прострелна рана е пронајдено во библиотеката на вториот кат – наведе Аксјонов.
Портпаролката на Истражниот комитет на Русија, Светлана Петренко изјави дека 18-годишниот ученик Владислав Росљаков пристигнал во колеџот со пушка и почнал да пука врз присутните.
Претходно, Истражниот комитет на Русија го преквалификува кривичното дело од терористички напад во убиство на две или повеќе лица. Комитетот соопшти дека убиените настрадале од прострелни рани, а не од детонација на бомба.
Во Керч испратени се околу 200 војници, десетина возила и хеликоптери за да им помогнат на службите за вонредни ситуации. Руското Министерство за вонредни ситуации испрати и неколку хеликоптери и транспортни авиони Иљушин 76 со психолози и спасувачи.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека мотивите за злосторството во Керч, источен Крим, внимателно се испитуваат.
– Јасно е дека тоа е злосторство. Мотивите и верзиите на ова злосторство внимателно се проучуваат – истакна Путин.
Претходно беше објавено дека во Политехничкиот колеџ во Керч биле активирани бомби, а потоа вооружени мажи почнале да пукаат врз присутните, поради што имаше сомневање дека станува збор за терористички напад.