Најголемата онлајн книжарница во Норвешка „Адлибрис“ ја продавала книгата „2083: Европска декларација за независност“, која е расистички манифест на убиецот Андерс Брејвик, кој е осуден на 21 година затвор.
Норвешката државна телевизија НРК објави дека книгата „2083: Европска декларација за независност“ е испечатена и продавана преку онлајн книжарницата „Адлибрис“.
По разоткривањето на овој скандал, директор на споменатата онлајн книжарници Сакари Луовио за НРК изјави дека е „страшен“ фактот што таа книга се нашла во продажба. Тој додаде дека манифестот на Брејвик бил итно повлечен од продажба.
– Кога дознавме дека споменатата книга се продава преку нашата онлајн книжарница, ние итно интервениравме. Средствата собрани од продажбата ќе ги донираме во некоја хуманитарна организација – изјави Луовио.
Тој потсети дека книгите се пуштаат во продажба преку разни интернет страници.
– Имаме повеќе од 15 милиони корисници и тие можат да додадат своите книги, кои сакаат да ги продадат. Многу е тешко да се контролира секоја книга на нашата онлајн книжарница, но во случај на поплака за некоја книга, ние ја отстрануваме од продажба – вели Луовио.
Тој додаде оти не може да гарантира дека таа книга веќе нема да се најде во продажба, затоа што, како што рече, во моментов не постои систем, кој би можел да блокира пуштање во продажба на книга со спорна содржина.
Брејвик на 22 јули 2011 година со рачно направена бомба уби осум лица пред канцеларијата на премиерот во Осло, а потоа застрела 69 луѓе во близина на островот Уто, каде што се одржуваше летен младински камп. Тоа беше најголемиот масакр во поновата историја на Норвешка.
Бревик, кој му рече на судот дека „се кае што не убил повеќе луѓе“, осуден е на 21 година затвор.
Таа казна, според законот на Норвешка, може да се продолжи ако се процени дека затвореникот е опасен за општеството, па затоа, правни експерти веруваат дека Брејвик ќе биде во затвор до крајот на животот.