Најголемата лага за загадувањето во Скопје!

2060

Проблемот со загадувањето на Скопје вообичаено во лето се заборава, но тоа не значи дека тој ќе исчезне. Напротив, ќе стане топ-тема уште во првите есенски денови. Во минатата есен и зима Скопје речиси постојано беше меѓу топ 5 најзагадени градови во светот, а неколкупати се искачуваше и на самиот врв на оваа неславна листа. Граѓаните се жалеа дека буквално дишат отров и се задушуваат.

Загадувачите на воздухот може да бидат различни, но главниот проблем во Скопје е од цврстите честички во воздухот – ПМ10 и ПМ2,5. Додека дозволеното ниво на ПМ10 честичките е 50 мг/м3, во Скопје во изминатата грејна сезона достигнуваше и повеќе од 1.000. Барајќи го виновникот за загадувањето во Скопје, прстот се насочува кон греењето на домаќинствата, кон автомобилите, фабриките и кон – Дрисла, која беше дури и казнета од градските власти (државниот инспекторат за животна средина).

Сега, додека страстите се смирени, а загадување нема, иако, на пример, Дрисла и во летниот период работи на ист начин, решивме да ја посетиме скопската депонија и на самото место да се увериме во начинот на кој таму се справуваат со отпадот. Се изненадивме бидејќи воопшто не наидовме на проблеми, напротив – од Дрисла ни рекоа дека слободно може да дојдеме и дека тие ќе ни објаснат сѐ што нѐ интересира.

Во Дрисла се обработува и се отстранува комуналниот отпад – се одлага, се набива и се покрива со неразградлив материјал и со хумус, за да не е во допир со воздухот.

– Во нашата земја реално не постори друг објект за депонирање цврст отпад, кој притоа работи по современи технолошки стандарди. Овде отпадот не се пали, за разлика од дивите депонии во земјава, и ниеден од процесите што се применуваат не создава ПМ-честички. Всушност, единствен отпад што се согорува тука е медицинскиот, и тоа се прави по прецизно пропишани процедури и единствено кај нас – велат од Дрисла и потсетуваат дека пред неколку месеци на печката е поставен и филтер за намалување на штетните гасови.

Она што е најинтересно е што Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Дрисла има поставено мерна станица за загадување, кое се следи постојано. Во текот на изминатата есен и зима, регистрираните вредности на ПМ10-честичките се движеа околу 40 мг на м3, вредности далеку од екстремните регистрирани во Лисиче или во Карпош каде беа и над 700 мг на м3.

Во интерес на сите е да се утврдат вистинските загадувачи на Скопје и да се дејствува за да се неутрализираат. Но да се тврди дека тоа е Дрисла, очигледно е барање жртвено јагне. Според фактите, тоа е најголемата лага за загадувањето, која не му користи никому! Освен на вистинските загадувачи веројатно.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...