Најавува ли Митко Јанчев нова партија, во која би влегол и Никола Тодоров, а можеби и Никола Димитров?

Јас лично, до овој момент, немам никакви преговори или договри за правење на нов концепт, или нова партија, но доколку во ВМРО-ДПМНЕ не успееме да се соединиме и да направиме тоа што треба, не ја затворам можноста за понатамошно дејствие во тој поглед, вели кавадречкиот градоначалник за порталот Фактор.

6613

Ако ВМРО-ДПМНЕ не се вразуми и не ја смени политиката и реториката, се остава простор да се формира нова партија, во која и би учествувал и Митко Јанчев, градоначалникот на Кавадарци. Ова го изјави самиот Јанчев, во интервју за порталот Фактор.

Јанчев е еден од поуспешните градоначалници во Македонија, но откако во ВМРО-ДПМНЕ му се спротивстави на лидерот Христијан Мицкоски за референдумот, беше разрешен од функцијата потпретседател. Тој сѐ уште смета дека Преспанскиот договор бил храбар потег, за кој му честита на премиерот Зоран Заев.

Запрашан за шпекулациите дека се подготвува нова партија, која би се викала Македонски концепт, во која, покрај Јанчев, би учествувале и Никола Тодоров, дел од реформаторите, па дури и шефот на дипломатијата, Никола Димитров, кавадаречкиот градоначалник вели:

– Сум ги слушнал тие шпекулации од повеќе лица. И сум се слушнал и се гледам со неколку од лицата кои што ги спомнавте. Со Никола Тодоров сум куќен пријател, со министерот за надворешни работи се имаме видено, со реформаторите не се познавам лично, се имам телефонски слушнато уште пред референдумот. Така што, не можам да кажам точно како размислуваат и што во моментов подготвуваат. Дека е логично да се размислува на таква тема во моментов, веројатно има простор. И затоа тоа се шпекулира. Дека јас лично во овој момент сум во преговори или договори за такво нешто – не. Тоа е од една единствена причина, што мојата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, не би сакал да ја оставам во незавидна позиција, која би била против членството, бидејќи нашето членство не заслужува да биде погазено. Тоа ми е единствената причина што не би направил таков потег, барем во овој момент. Меѓутоа, ако ситуацијата налага да се вразумиме како партија или ако не стигнеме до нешто што треба да стигнеме, тогаш има простор да се размислува. Мислам дека тука треба, особно лидерот и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, доколку се спремни и искрени, да си седнат и да си разговараат со тие луѓе што имаат иницијатива или желба за правење на трета опција. Бидејќи, сето тоа би било на штета на ВМРО-ДПМНЕ. Но, не е далеку да се направи таа опција. Бидејќи, кога некого непотребно разрешувате и исклучувате од партија, оставате простор за правење на конкуренција. Е конкуренцијата, некогаш е незначителна, но во даден момент може да биде и побитна од поголемиот фактор. Јас лично, до овој момент, немам никакви преговори или договри за правење на нов концепт или нова партија, но пак ќе кажам, доколку не успееме да се соединиме и да направиме тоа што треба, не ја затворам можноста за понатамошно дејствие во тој поглед.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...