Пред неполни шест години, еден познат професор на Стенфорд универзитетот, Џералд Кребтри, напиша статија за „нашиот кршлив и непостојан интелект“, што предизвика голем одек во научната заедница и реакции кои сеуште ја брануваат јавноста. Комбинирањето на наодите на неколку науки – генетиката, антропологијата и неуробиологијата, на Кребтри му овозможи да претпостави дека еден просечен жител на Атина од пред 3.000 години би бил денес помеѓу најбистрите, интелектуално најживите и емоционално најстабилните луѓе во целиот развиен Запад.
Тезата на Кребтри е дека огромниот број гени што го „поддржуваат“ нашиот интелект воедно нè прави ранливи на случајни генетички промени што можат да ги намалат нашите интелектуални и емоционални способности како вид. Тоа значи дека во изминатите 3.000 години, или околу 150 генерации, во услови на опаѓање на „притисокот“ на природната селекција што постоела во претходните милениуми – кога за да преживеат луѓето морале да бидат многу снаодливи, под влијание на неселективното размножување во густо населени општества, човештвото било практично осудено на процес на интелектуална деградација.
Децениско заглупавување
Со еден збор, за жал, човештвото заглупавува како вид и наскоро ќе мора да се откаже од атрибутот „сапиенс“ што самото арогантно си го закачи како медал.
Иако стариот професор Кребтри навлече бура од негативни реакции од генетичката фела, во кои колегите му извадија купишта аргументи што докажуваат дека тезата му е произволна и погрешна, и дури сожаливо го оптужија дека заталкувајќи вон полето на својата експертиза си дозволил под старост да „бере зелени“, читајќи ги критиките забележав повторување на еден моќен аргумент против хипотезата за заглупувањето на човештвото.
Имено, поголемиот број умни научници ја подвлекоа очигледната слабост на тезата на Кребтри, а тоа е дека таа ѝ противречи на стварноста во која недостасува „клиничката слика“ на пациентот кој би требало веќе да е видливо оглупавен. Демек, велат критичарите на Кребтри, постојат премногу докази дека коефициентот на интелигенција – на ниво на светската популација – континуирано расте, а за да биде воопшто можна обратната хипотеза. И, тука, почитувани читатели, ја здогледав темната пукнатина во мисловното тело на светската наука: ним, кутрите, очигледно воопшто не им е позната студијата на случајот за Македоња Вечна.
А, да имаа увид во колосалното децениско заглупавување на целото македонско општество под диригентската палка на Груевски и ВМРО, мислам дека ќе беа помилозливи кон стариот научник, и дека ќе дојдеа во земјата од којашто потекнува целата бела раса и сите ариевци на планетата, да го изучуваат ѓаволскиот механизам на интелектуалната деграгација што денес му се заканува и на целото човештво!
За да не бидам оптужен за неаргументиран наод дека општеството ни е опасно заглупавено и интелектуално декапацитирано, ќе ви извадам пример за тоа како во „ослободена“ Македонија, со вмровски закони (што се уште и упорно се на сила!) се артикулира областа во која би требало интелектот, знаењето и експертизата најмногу да се почитува и негува. Тоа е областа на судското вештачење и неверојатниот Закон за вештачењето, што во меѓувреме стана „кондицио сине ква нон“ на нашата „ослободена“ нормалност. Но, првин, да расчистиме со основните поими: што е вештачење и кој би требало да вештачи?
Лиценцата поважна од знаењето
Елем, вештачење е стручна експертиза од која било стручна и научна област што на судот ќе му го осветли патот и ќе му помогне да дојде до вистината за секој поединечен случај. А, вештак би требало да биде искусен и референтен стручњак во својата дисциплина, истакнат и опитен експерт во своето стручно или научно поле. А, што вели Законот? Во Законот за вештачење, во член 2 точка 5 стои: „Вештак е лице кое има лиценца за вештачење од соодветната област и е запишан во регистарот на вештаци“. Точка. Збогум на паметта: вештак во Македонија не е оној што знае, што учел, работел и проучувал, истражувал, објавувал, пишувал, проектирал и експериментирал – една цела кариера за да стане експерт во својата област, туку тоа е „лице“ што има лиценца за вештачење в џебот!? И, обратно, можеш да имаш и две Нобелови награди, но ако немаш лиценца – не можеш да вештачиш, батко, зашто ти си неупотреблив за македонското судство!!!
И, како се доаѓа до лиценца за вештачење, што наеднаш „лицето“ го претвора – како со магично стапче – во експерт? Се полага стручен испит, алелуја! Со еден стручен испит од Законот за вештачењето, во македонската малоумна стварност се заменува стварното знаење и умеење што се стекнува со децении посветена работа, искуство и професионален ангажман. И, дури, во членот 9, Законот поучно објаснува дека „стручниот испит се полага заради проверка на потребното стручно знаење од соодветната област“! Ајајајај! А, дека секоја вистинска трагедија има и смешна страна, може да се види во членот 18 став 11, кој се заканува дека: „Глоба од 10.000 евра ќе се изрече на овластеното правно лице кое спроведува испит за вештаци, А НЕ ГО БЛОКИРА РАДИОФРЕКВЕНЦИСКИОТ ОПСЕГ ВО ПРОСТОРИЈАТА“. Хахахаха! Законодавците очигледно имаа јасен увид во криминогениот и тупавиот понављачки и препишувачки менталитет на македонските професионални вештаци… тргнувајќи веројатно од сопственото искуство!?
И, што да ви кажам на крајот? Додека живееме ѓоа „ослободени“ од вмровската диктатура на глупоста, „богобојазливо“ почитувајќи ги стотиците нивни малоумни закони, само ја продлабочуваме тенденцијата кон понатамошно интелектуално декапацитирање на целото општество. Како што – мислејќи веројатно само на нас – напиша и стариот Кребтри во својата поплукана статија.
Објавено во „Слободен печат“