Нашето морално паѓање

424

Не баш ретко, самиот се прекорувам – штотуку пишуваш, а тоа го правам пет години повеќе од половина век, кога животот толкупати го потврдил правилото дека и најдобрата мисла во шупливи глави, ништо не менува. Како промаја се доживува.
Некогашните весници, дневни, или вечерни, речиси без исклучок, дри и оние кои беа со педигре на врвна сериозност, ја имаа таканаречната рубрика ,,црна хроника”.
Беше ѓаволски тешко да се пополнуваат колоните со настани од подземјето, кое, речиси и го немаше. Барем не со димензии и мирис на барут, какви што ни се проектираа на филмските платна за криминалните стории од Чикаго, Сан Франциско, Бруклин, Лондон, Париз…

Дури и актерите на џепните кражби, кај нас добиваа третман на тежок морален инцидент. Насловите се надуваа како шарени новогодишни балони за да може да се закачат за окото на читателот.

Дрога!

Што беше тоа?!

Афионот го садевме по нивите. Катранот како црни пеги ни се лепеше за дланките. Како пеленачиња, ни го даваа со млекото за да имаме длабок сон, додека мајките со српот го жнееја родот.

Никој не ,,шмркаше”, никој не халуционираше.

Немаше ниту ,,бела”, ниту ,,црна” смрт за децата и момчињата, кои под носот немаа ниту мов, а веќе чекореа во младинските работни бригади на градилиштата, на кои ги заработуваа првите плускавци на рацете. Луто печеа, но се доживуваа како медали за труд, подарен на татковината.

Бригадирски кампови. Се градеа пруги, автопати, брани, канали, задржи домови, чилишта, паркови…

Бригада до бригада. Од сите нации, што не ги распознававе, не ги препознававме Бевме исти, ерено според сите аршини. Мешани – Македонци, Албанци, Турци, Роми… Исти копачи и лопати за сите националности. Иста химна, исто знаме, исти бригадирски униформи и капа со иста бригадирска значка на неа. И, црвени шамии околу вратот…

Имаше часови за морално воспитување. Се учеше како да се сака човекот. Некој вид, анатомија на моралните вредности.

Убиства, тепачки. Меѓунационални трвења. Злоба. Навреди!

Што беше тоа?!

И ете го нашето ѓаволско време. Чудото на нашите промени.

Замре ,,лебедовата песна”.

Денес, нема доволно простор за да се сместат сите наши зла во ,,црните хроники” на гласилата. Дури и насловните страници се податливи за аферите што ги продуцираат елитите од партиите и власта. Криминали во министерства, во банки, пошти. Кражби на народен имот. Крчмење на општествените добра. Функционери со мафијашки афинитети. Распад во образовниот систем. Болно здравство. Ерозија на семејните вредности…

Сте размислувале, барем засебе, потајно, колку да ја испитате сопствената совест, после сиот овој општествен, воспитен, образовен и морален галиматијас, – кој всушност ги убива нашите деца? Оние вчера, и оние пред тоа.

Зарем ние, родителите не сме виновниците за сите детски злодела. Зарем треба се уште да се залажуваме дека во нашата менталност се изместени ганглиите на моралноста, етичоста и вистинската човечка зрелост. Спротивно на сите закони на природата, ние, никој друг, го создаваме лошиот човечки материјал. Ние го омеѓуваме просторот на почитта на едниот кон другиот. Ние сме креаторите на сите делби. Ги изгубивме азимутите на човечкото достоинство. Ете и децата, нашите деца – убиваат! Зарем тоа не е круната на нашето колективно морално паѓање!

Од мене толку. Допишете!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...