Начески: Шимшировиот молец може да направи голгота, мора да се прска!

Во шумарството, вели проф. Начески, нема регистрирано препарат за уништување на овој молец. Го има само Foray 48B, кој се базира на бактерија и кој не загадува ништо, но е релативно скап препарат.

628

Будно да се следи состојбата на шимшировите молци, препорачува проф. д-р Стерја Начески, ентомолог од Катедрата за заштита на шумите и дрвото при Шумарскиот факултет во Скопје.

– Ако не се третира на време, исто како комарците, ќе ги има пак. Голгота може да направат овие пеперутки. Потребно е истражувањето со кое ќе се следи биономијата на штетниот молец на шимширот со цел навремено да се уништи. Не како во некои градови низ Македонија, при уништување на штетници во овоштарството, кога прска комшијата, тогаш и јас ќе прскам, без да го следи развитокот на штетниците. На овој начин се потценува штетникот – потенцираше Начески, кој триесет години работи на оваа тематика.

Шимшировиот молец, вели, тотално ги избрестува листовите на шимширот со што физиолошки го ослабнува, дури го доведува до сушење ова долговечно дрво, чии листови остануваат во текот на зимата, со што нѐ штити од аерозагадување, а тоа се и „белите дробови“ кај нас.

– Голем процент од шумата на Водно е од шимшир. Има и црн и бел бор, јасен и други дрвни видови, ама шимширот секаде го има, низ целата површина. Иако е мало дрво, грмушка, сепак станува збор за дрво кое живее 400 години. Има голема лисна маса, постојано продуцира кислород – појасни Начески.

Во шумарството, вели, нема регистрирано препарат за уништување на овој молец. Го има само Foray 48B, кој се базира на бактерија и кој според Начески, не загадува ништо, но е релативно скап препаратТој е дозволен кај нас, а треба да го земе Град Скопје на тендер. Забранети се други препарати за третирање на овој молец.

Начески појасни оти годишно се можни до пет генерации од овој молец, за што е потребно невремено третирање кое ќе биде ефикасно и кое ќе ја стави популационата застапеност под контрола. Само еден третман е доволен да се уништат гасениците на шимшировиот молец. Се случувало по цел месец да трае уништувањето. Како што рече, некогаш во септември се прскало во Битола, во октомври во Свети Николе, при контрола на популациите од боровиот четник.

– Во 2015 и 2016 година имаше три генерации во текот на годината. Може секоја од нив да се уништи, ако се реагира брзо – нагласи тој.

Начески рече оти е потребен мониторинг, да се види кога ќе почнат првите појавувања на пеперутките.

– Треба и да се обезбеди навремено средство. Штом почне вегетацијата, ќе се појават белите пеперутки, ќе положат јајца. Веднаш штом се појават ларвите, треба да се прска на целата територија на Водно, да се третира, да се избере метод на авионско третирање – дециден е професорот.

Во 2014 година, Начески изјавил оти овие пеперутки ќе се прошират низ природните наоѓалишта. Претходно биле присутни само во урбаните средини.

– Алармирав во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да се преземат мерки. Зависи од климатските услови, штом е потопло, веднаш се појавуваат пеперутките. Ќе се откријат мажјакот и женката, ќе се спарат, ќе ги положат јајцата на листовите. Ние треба да бидеме спремни да ги третираме, односно да е направена целата припрема која е сложена. Парк шумата Водно ја стопанисува ЈП Паркови и зеленило Скопје, а одговара на Град Скопје, па затоа потребен е тендер. Мислам дека Градот Скопје нема такви лица кои се занимаваат со оваа тематика – рече тој, додавајќи оти потребен е стручњак ентомолог и за комарци во Градот.

Залудно е ако се прска на Водно и на Матка, а не и по дворовите во Скопје, каде што има шимшир.

– Ако не биде така, од градот ќе се префрлат пак на Водно. Сега овој молец го има во цела Македонија. Целата лисна маса ќе биде уништена, ако не се преземе нешто. Нема фотосинтеза, може и некој од садниците да угинат. Колку и да се бори растението, не може да ги издржи нападите од гасениците – нагласи тој.

Од друга страна, Начески рече оти не може да се прска кога гасениците, односно куклите се во земја, како на пример сега во пролет.

– Не може ние да третираме, а пеперутките уште непојавени. Сложено е – заврши Начески.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...