Разбирам зошто Радмила Шеќеринска во 2013 година имала потреба да инсистира членовите на ДИК да гласаат според законот и според сопствената совест. Се сеќавам на изборните кланици во 2013 и во 2014 година. И самиот три пати гласав за Жерновски и страхував за исходот…
Но, „макијавелистичката“ одлука на Шеќеринска работата да ја заврши јавувајќи му се по телефон на Фатмир Бесими, за овој да ургира кај членот на ДИК од ДУИ, Субхи Јакупи, не ја одобрувам. Лично мислам дека тука нема прекршување на законот, но таа нејзина одлука е неетична и е во духот на „началникувањето“ во политиката, феномен против кое заеднички се бунтувавме.
Радмила Шеќеринска, како втор човек на СДСМ, партија учесник во изборите, имала многу можности институционално да се бори членовите на ДИК да постапуваат според законот и според совеста. Можела да апелира на прес-конференција. Можела да ги повика на одговорно поведение со посебна изјава, во интервју, на телевизија, на социјалните мрежи…
Вака, да се ургира телефонски, тајно, со едно мошне симптоматично убедување дека и Фатмир треба да си ги препознае интересот, оваа интервенција навистина е далеку од минималните етички стандарди на политичкото дејствување. Дури ни во „она“ време, не сум замислувал дека првенците на СДСМ на ваков начин се обидувале да постигнат легитимни цели во политичката борба.
И затоа, според мене, Радмила Шеќеринска треба да понесе политичка одговорност. Се разбира, јасно ми е дека таа нема да се осмели на еден таков исчекор, но тоа не ги менува фактите пред кои молчат и боговите.