Драфтот кој во моментов кружи во Советот на Европската унија предлага започнување на преговорите за членство помеѓу Македонија и ЕУ, меѓутоа за овие заклучоци допрва треба да се дебатира, а Франција останува резервирана, порачуваат дипломатски извори во Брисел за МИА.
– Со оглед на горенаведениот напредок, посебно имплементацијата на Пржинскиот договор и итните реформски приоритети, Советот одлучува, доколку ова е усвоено од Европскиот Совет, да се отворат претпристапни преговори со ПЈРМ. Со цел одржување на првата меѓувладина конференција, Советот ја подвлекува критичната потреба на ПЈРМ да продолжи да напредува во итните реформски приоритети и да оствари опипливи резултати во борбата против корупцијата, да го одржи и продлабочи реформскиот момент. Советот ја повикува Европската Комисија близу да ги мониторира реформските напори на ПЈРМ и ќе го оцени напредокот вез основа на извештај на Комисијата во пресрет на првата меѓувладина конференција. Советот ја повикува Комисијата да започне со подготовките, стои во нацрт-заклучоците за Македонија.
Оваа верзија на заклучоците меѓутоа е „стара“ верзија и не го споменува договорот за спорот за името постигнат на 12 јули помеѓу Грција и Македонија. Останува дека ова е верзијата за која вчера на амбасадорско ниво дебатирале земјите членки на Унијата. Според извори присутни на состанокот, одлука не е постигната, а Франција и натаму изразува резервираност кон почетокот на преговори со Македонија, но разговорите поминале во „пријатна атмосфера“, вклучително и од грчка страна.
Следната недела амбасадорите повторно ќе се состанат и тогаш претседателство на маса би требало да стави ревидирана верзија на заклучоците која го вклучува последниот развој на настаните во земјата: договорот за името што треба Заев и Ципрас да го потпишат овој викенд, а потоа одоборувањето на договорот од страна на двата парламента, што треба да се случи најверојатно во текот на следната недела.
Дипломатите во Брисел се позитивни дека и наредниот нацрт на заклучоците, доколку во меѓувреме нема застој во процесот, ќе останат на истата линија како и сегашните, односно дека ќе се препорача почеток на преговори со ЕУ. Но, загриженост сѐуште постои околу ставот што ќе го заземе Франција.
Од друга страна, германската Влада, иако е наклонета кон почеток на преговори со Македонија, за таа одлука мора да добие зелено светло од својот Парламент. Германскиот европратеник од социјал-демократската група, Кнут Флекенштајн, завчера за МИА изјави дека не се сомнева дека владата ќе успее да собере мнозинство за во Бундестагот за оваа цел.
Следниот амбасадорски состанок ќе биде важен за да се дознае попрецизно кон каков исход се движи Европската Унија што се однесува до старт на преговори со Македонија, но клучен ќе биде состанокот на министрите за надворешни работи на 25 јуни. Доколку амбасадорите не успеат да постигнат консензус на крајот на идната недела, прашањето ќе им биде препратено на министрите, а крајниот збор ќе го имаат шефовите на држави и влади на ЕУ на 28 и 29 јуни.
Дотогаш главен услов, според дипломатите во Брисел, е процесот за решавање на спорот да се одвива непречено, и со тоа да може да се разубеди Франција.
Како што веќе извести МИА, повеќе дипломатски извори во Брисел и во Париз тврдат дека еден од поголемите проблеми кои ги има Франција со пристапот кон проширувањето на овој Самит е всушност инсистирањето на Европската Комисија и на некои земји членки Македонија и Албанија да одат во пакет за преговори, бидејќи Франција е „порезервирана“ кон Албанија отколку кон Македонија. Тоа се должи, меѓу другото, и на невообичаено големиот број албански барања за азил во Франција.
Високи дипломатски извори за МИА тврдат дека се „уверени“ оти Македонија ќе добие зелено светло за преговори во јуни. И во Советот и во Комисијата велат дека би било „незамисливо“ Македонија да остане без никаква „награда“ за постигнатиот договор со Грција, но гаранции никој не се осмелува да даде.
Повеќе варијанти се можни за јунскиот самит. Една од поверојатните опции е, како и што е наведено во сегашниот нацрт, Советот да ја повика Европската Комисија да подготви извештај за реформскиот напредок во земјата, врз основа на кој потоа ќе се одлучи кога да се одржи првата меѓувладина конференција. Меѓувладината конференција е официјална средба на претставници на земјите членки и на земјата кандидат на која започнуваат преговорите.
До тогаш треба да се одржи „скрининг“ процесот. Скринингот е експертско „чешлање“ на сите поглавја од страна на ЕУ преку кој се оценува дали е подготвена земјата членка да отвори одредено поглавје. Скринингот може да трае повеќе месеци, но преговорите можат да започнат и пред да заврши целокупниот процес на скрининг, доколку ЕУ одлучи дека земјата е подготвена за тоа.
Наредните недели ќе бидат клучни и дипломатски интензивни, како од грчко-македонска страна така и од европска. Доколку договорот за името пропадне од една или од друга страна до јунскиот Самит, тогаш шансите да се убедат земјите членки да дадат зелено светло за старт на преговори значително ќе се намалат, а Грција ќе може повторно да стави вето, објаснуваат дипломатите во ЕУ.