Политиката е без сомневање уметност која за повеќе или помалку луѓе фактички е особина со која владеат политичарите. Знаењето за таа вештина како своеврсна технологија на власта ни ја остава Макијавели како искуство кое тој го црпи како непосредно видување во практичната борба за власт во ренесансна Италија. Тој вид на наука со вулагиразација, со извитоперени содржини ја негуваат апологетите на европскиот апсолутизам како своеврсен Arcanum.
Во ова наше време со политичкиот Arcanum како знаење се стекнуваат оние коишто се со повластено влијание или во непосредна политичка пракса или во партиските школи или буки. Основен аксиом на таквото знаење е поединците коишто се надарени со голема снага или моќ да ја создават историјата. Масата народ е само материјал од кој големите лидери, најчесто харизматски личности, прават големи дела. Знаењето на таа арканска пракса, е спротивна на револуционерната дијалектика која како теорија го зема револуционерното движење кое пак, по дефиниција се става во служба на новото и подобро општество, а не за оправдување на постоечкото во кое на крајот се останува по старо.
Но политиката не е само уметност или вештина и не е само доблест на револуционерното движење и на неговите стратегии и тактики, таа има и свои други димензии. Политиката е управување и со повеќесмислени поими на овој израз. Поради тоа науката за политиката треба да ги разгледа и прифати сите битни области на политика, еднакво како на нејзината динамична и статистичка природа. Во тој поглед моето разбирање на науката за политиката се разликува можеби од оние традиционални или стандардни. Напредокот на општеството и на науката после Втората светска војна особено нам на сите ни овозможува напредок на сите видови науки, па и за науката за политиката.
Некои современи политички научници ја сметаат деполитизацијата за позитивна појава поради тоа што таа масовно се впива во народот и политичкиот живот и предизвикува опасност по политичката слобода. Но дали е навистина така? Дали тие што се деполитизирани, и тие што свесно се изземаат од големите политички одлуки што се во нивното општество од кој било карактер и која било цел имаат право потоа да критикуваат. Оваа теорија на деполитизација е склона политичкото интересирање на граѓаните и нивното учество во политиката да може да се вреднува со системите на плебисцитарен цезаризам и тоталитаризам.
Меѓутоа се заборава дека деполитизацијата може да биде и последица на слабеењето на оние видови на општествени случувања и судири кој го ревитализираат секое општество, впрочем тоа е како последица на потполна интеграција. А потполната интеграција особено онаа којашто ни е изнудена нам ни создава болна политичка апатија која ширум ни ја отвора вратата на разни видови на узурпации и диктатури.
Искуството коешто го имаме од дваесеттиот век, силно ни ја потврдува оваа тенденција како потенцијален извор на сите видови опасност за слобода и демократија. За науката за политика да биде теорија на ослободување, а не нов вид на метафизика на поробување, таа мора да се отфрли како ода на слободата на населението на привилигирани класи и сталежи. Така и едноставното учење за ослободување од материјалната беда, го гледа крајот на поробеноста на човекот во современата цивилизација.
Централниот пристап на науката за политиката, многу е битно од кој агол ја истражуваме и ја гледаме, дали како активни учесници/пасивни учесници, или пак, неми набљудувачи за сето она што таа нам ни го приредува. Затоа ние луѓето којшто сме чинители во ова општество и носиме било каков вид на одлуки, тие мора да бидат во спрега со цивилизацијата, видот на општествено уредување и нормално во корист на нам уживателите во тој вид на општество.
Владимир Трајкоски