НАТО бара помирувањето да не го поткопа владеењето на правото

512

Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, при посетата на седиштето на НАТО вчера се сретна со претставници на земјите членки на кои им ја презентираше програмата за продолжување на реформите.

По „успешното завршување“ на пристапните преговори за НАТО во октомври, Македонија мора да продолжи со реформи сѐ до пристапувањето во Алијансата, објасни Пендаровски по средбата „29 + 1“ одржана вчера во седиштето на НАТО во Брисел, на ниво на заменици на шефови на мисии со македонската делегација.

Во име на Македонија, националниот координатор ги презентирал плановите за реформи што треба да се спроведуваат во текот на целата 2019, но и по зачленувањето во Алијансата.

– Бевме задолжени да направиме „мини МАП“. Има два процеса: едниот се пристапните разговори кои завршија во октомври, и сега програма за продолжување на реформи. Кажавме што ќе правиме во сите области, во воена област, во администрација, безбедносни и разузнавачки служби, владеењето на правото, судски реформи – вели Пендаровски.

Македонија презентирала програма од околу педесет страници, по што земјите членки поставувале прашања.

– Највеќе се интересираат како ќе оди процесот на имплементација на Преспанскиот Договор, дали ќе има двотретинско мнозинство на крајот на процесот – вели Пендаровски.

Но, земјите членки се интересирале и за процесот на помирување.

– Ги интересира што е со процесот на помирување. Сега пратениците имаат триесет дена, имаат време да поднесат предлози, дали политички, дали законски. Ќе видиме што ќе биде. Но, она што го кажаа е дека е многу важно тоа помирување да не го поткопа владеењето на правото – пренесува националниот координатор.

Очекувано, земјите членки се интересирале и за таканаречените „малигни надворешни влијанија“.

Македонската страна ги уверила сојузниците дека земјата е посветена на стратешката цел на зачленување во Алијнсата, но дека „малигни надворешни влијанија“ се забележуваат, посебно пред и за време на клучни процеси, како на пример околу 27 април, но и за време на референдумската кампања.

– Има траги на хибридни закани, преку лажни вести – објаснил Пендаровски.

Според него, интензитетот на тие влијанија е најголем до самото пристапување во Алијансата, по што значајно се намалува, слично на она што се случуваше во Црна Гора.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...