Ние, по правило, премногу значење им придаваме на небитните работи, запоставувајќи ги важните, речиси суштинските. Но и тоа е прашање на знаење, на искуство (државно, се разбира), на приоритети. На пример, едно чудо владини и невладини органи, агенции, организации и работни групи, безмалу некоординирано, веќе година дена ги испитуваат криминалите на т.н. проект „Скопје 2014“. И главно сите поаѓаат од погрешни премиси, наместо од една единствена: дека тој самонаречен проект е целосно незаконски и ги дерогира овластувањата на највисокиот орган на државата – Собранието на РМ! И тука треба да почне се’, а да заврши, односно веќе да завршеше со рушење на сите незаконски подигнати објекти. Башка се кражбите, башка тендерите, башка намештаљките … тоа е посебен криминал што си подлежи на редовни постапки – дел од нив веќе се водат – како и се’ друго.
Ама: ниту еден државен орган, организација, агенција, па ни невладина организација не говори за поважните последици: за образовните, културните, уметничките …, за последиците што тоа ругло секојдневно го произведува и ги труе младите генерации. Сосема идентично, но во многу поголеми размери и со (веројатно) посериозни последици, се однесуваме и кон наследството на самата идеја и (особено) пракса на самозаробената држава, како да е тоа нешто како настинка, или не дај боже грип, ама ќе се залечи со доза демократски ц-витамин и парацетамоли. Која што, патем, никој не ја ни нуди. Никој на оваа македонска повеќевековна чума наречена самозаробена нација не гледа сериозно, истражувачки, научно, со понуда на некаква можна „терапија“ на долги патеки. Ние вообичаено се помируваме со фактот дека најчестите имиња, не случајно, ни се Трпе и Трајче, и со тоа дури си правиме вицеви. Сериозни држави би се замислиле малку повеќе. Или ние, едноставно, сакаме да бидеме робови, да се самозаробуваме, да се самопонижуваме? Та зарем идејата за „Македонија вечна“ или „Македонија цела да е“, па дури и кога таа е Северна, е токму идејата на самозаробена Македонија? Неразбирливо. Дали само за мене, или …? Кога ние односно оние штабквартирни „историчари“ кои така здушно ги брани шестокласнион глумец-митингаш говориме за македонската историја, како ги објаснуваме сите ропства, погроми, окупации, поделби? Со вината на другиот, нели? При што нашата вина, нашата „свиткана глава (што) сабја не ја сече“ нема ни микрон удел во историските настани? Како впрочем ни она што до вчера се случуваше во државава, кога се крадеа избори, се убиваа луѓе, се множеа политички затвореници и се измислуваа предавници и непријатели, а сето тоа со целосната поддршка на (само)заробениот македонски граѓанин-слепец кој сето тоа (божем) не го гледаше и молкум го дозволуваше, во негово име? Па дури и денес, не само заради секојдневните реакции на се’ и сешто од страна на бандата и нивните симпатизери туку и на сите оние (само)заробени плитки умови, особено во културата, кои едноставно не сакаат да прифатат ништо друго – а камоли некакви нови и полиберални законски решенија! – што барем малку би ја ослободило македонската културна мисла и пракса. Па дури и оние неуки ќатовци, кои демек пораснале да се самонаречат „автори“, а кои пред дваесеттина години и’ ги врзаа прангите на културата токму со нивната глупост и незнаење, дури и тие, денес, повторно, имаат „мислење“!(?).
За жал, не се единствени. Ако погледнете повнимателно, ќе видите дека самозаробената држава е надмината само во некои сегменти. Некој ќе каже – големи, крупни сегменти. Можеби. На пример, имаме, конечно, демократска Влада. Ок, ама со тоа не се решава автоматски и проблемот на самозаробувањето. Само ако го прифатиме самозаробувањето како факт, онака како што ја прифативме и дијагнозата на Прибе за заробувањето и само малку ја прошириме и со нашата вина во тој чин, дури тогаш ќе започне вистинската војна против овој македонски феномен. Зашто – еве пак ќе ја земам културата за пример – што всушност расчистивме во културата од времето на самозаробувањето? Смената на неколкуте директори, усвоената стратегија, малку финеси и шминка во финансирањето …? А сето друго – по старо? И така ќе одиме во Европа? Можеби, ама повторно како културни измеќари, повторно како слепци, како што желно посакува онаа „авторкана“ чиј што најсмешен закон на свет (нешто како оној наш најхорор музеј на свет) се’ уште не’ држи во Балканската крчма?