Наставниците утре нема да одржуваат настава

Нема причина за организирање штрајк. Го почитуваме правото на штрајк, но наше е да апелираме дека нема потреба. Штрајк се организира во услови кога нема решение. Ние нудиме и имаме решение и одлука за повисока плата, рече министерот додавајќи дека откако ќе се разгледаат сите параметри во Буџетот ќе се знае и за можностите за идно покажување на платите.

1362

Наставниците утре нема да ги примат децата во училиштата, велат од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) најавувајќи го утрешниот предупредувачки штрајк бидејќи се незадоволни од покачувањето на платите за 5 отсто.

– Сите наши членови ќе дојдат на работа, ќе бидат во една просторија додека трае работниот ден, но нема да ги прифатат децата кои ќе дојдат на училиште. Ова ќе биде предупредувачки штрајк. Од вторник наставниците ќе одржуваат настава, но бараме преговори со Владата за исполнување на нашето барање за покачување на платите на просветните работници за 25 отсто. Ако до крајот на септември не се исполни нашето барање, во октомври ќе излеземе на штрајк – вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми ги повика директорите и наставниците во основните и средните училишта да се подготват за утрешниот прв училишен ден, затоа што, како што рече, едукацијата на учениците не треба да има застој, а особено не треба да се дозволи разочарување на првачињата кои првпат ќе седнат во училишните клупи.

На прес-конференција денеска тој порача дека ќе продолжи дијалогот со СОНК за заедно да ги дефинираат сите идни системски мерки за подобар квалитет на наставата и матертјалниот статус на наставниците. Министерот потсети дека новата учебна година ќе почне со нов Закон за основно образование и со Закон за наставници и стручни соработници, кој, како што рече, е фокусиран токму на кариерниот развој на наставниците и нивно соодветно унапредување во законски скалила.

– Нема причина за организирање штрајк. Го почитуваме правото на штрајк, но наше е да апелираме дека нема потреба. Штрајк се организира во услови кога нема решение. Ние нудиме и имаме решение и одлука за повисока плата – рече Адеми додавајќи дека откако ќе се разгледаат сите параметри во Буџетот ќе се знае и за можностите за идно покачување на платите.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...