Градоначалниците на Град Скопје и Општина Аеродром, Петре Шилегов и Златко Марин, остварија работна посета на локацијата каде што ќе се гради нов мост со кој Аеродром ќе се поврзе со Општина Гази Баба преку Ќерамидница.
Изградбата на мостот треба да почне наскоро и е предвидено да биде завршен за две години. Овој мост ќе му даде сериозна развојна компонента на градот затоа што од населбата Ново Лисиче до Саем или од Автокоманда до трговскиот центар „Бисер“ ќе се стигнува со возила за 5 минути или за 10 минути со велосипед.
– Со овој проект ќе се намали сообраќајниот метеж, ќе се подобри патната и велосипедската мрежа. Продолжуваме да инвестираме во подобра инфраструктура, градиме нови патишта и мостови. Наша цел е да го подобриме квалитетот на секојдневјето на нашите граѓани – изјави градоначалникот Марин.
Новата сообраќајница, освен нов мост со должина 120 метри, предвидува и пробивање на нов булевар и реконструкција на стар во должина од 2.170 метри со пет вкрстувања, шест коловозни ленти, велосипедски и пешачки патеки и три дрвореди. На оваа делница ќе бидат пуштени и нови автобуски линии.