И локација за карантин ќе се бара наскоро и кај нас поради ситуацијата со ширењето на Корона вирусот во повеќе земји и евентуалната опасност смртоносната зараза да се „увезе“ и во нашата земја, потврдуваат од Комисијата за заразни болести која деновиве треба да одржи состанок и со оваа точка на дневниот ред.
Во постојниот алгоритам, како што дознаваме, не бил предвиден карантин. На пример, во Франција, за карантин е прогласена воена база каде по слетувањето на авион од Кина две недели треба да престојуваат патниците. Токму вчера од оваа земја, каде е жариштето на новиот смртоносен вирус кој досега оденесе повеќе од 300 животи, се вратија група патници, меѓу кои, освен од Франција, имаше и патничка од Србија и од други земји.
Во врска со тоа имаме ли определено локација за карантин, и дали таа би се наоѓала во близина на скопскиот аеродром или можеби во близина на Инфективната клиника, претседателот на Комисијата за заразни заболувања, проф. д-р Миле Босилковски за Плусинфо објаснува:
– Ќе мора и за карантин да се дискутира на еден од наредните состаноци на Комисијата, што деновиве треба да ги одржиме. Засега, протоколот е дека здравите лица кои се враќаат од Кина да бидат дома на самоопсервирање (самонабљудување), затоа се делат и брошури со телефони од епидемиолозите и со симптоми на зараза со Корона вирусот. Среќа е што во земјава ретко доаѓаат патници директно од Кина, туку се враќаат преку други земји, каде го поминуваат карантинот – појаснува д-р Босилковски.
На Клиниката за инфективни болести деновиве немало пациенти кои барале преглед од страв дека можеби добиле симптоми на инфекција со новиот корона вирус.