Наскоро и Миле ќе си замине

6311

Чудна е таа судбина на Миле Јанакиески. Два-три пати во изминатите десетина години, кога случајно ќе сме се сретнеле, бил олицетворение на воспитаност и коректен однос, дури и во годините кога бев на врвот на никогаш затворениот список, и „надграден“ и „проширен“, за карактерна „ликвидација“ од неговата партија. Еднаш случајно го сретнав и откако веќе не беа на власт, а односот (барем кон мене) му беше ист: љубезен, одмерен, со почит… Чиста спротивност од агресивноста и простотилакот што ги зрачеше неговата партија.

Сега гледаме дека во речиси две третини од случаите кои ги гони СЈО, Миле е незаобиколен дел од обвинителните акти. Капак на сето тоа, се појави и во самиот врв на осомничените за организирање на неуспешниот државен удар во Собранието. Доколку во судските постапки обвинителствата успеат да му ги докажат делата за кои го товарат, сосема е можно тој да биде неславниот „кумулативен рекордер“ по досудените години што ќе мора да ги одлежи в затвор.

ВМРО-ДПМНЕ вели дека тоа, сума-сумарум, е „политички прогон“ од страна на сегашната власт. Се „претерало“. Како да има „кривична квота“ којашто, кога ќе ја исполниш, не треба да те гонат за ништо друго. Тоа е дел од „црнилата“ и „окрвавените раце“ на „теророт на деспотот Заев“ што вмровската валкана пропаганда, влезена и во претседателската изборна кампања, има намера да го повтори онолку пати колку што е потребно за да стане непобитна вистина. Во таа кампања ВМРО-ДПМНЕ мора по секоја цена да ја „смени темата“, да го засени историскиот успех, во кој тие одбија да учествуваат, на сегашната власт со Преспанскиот договор и со напредокот во евро-атлантските интеграции.

Приватно, пак, некои и од денешните првенци на таа партија, ми велат дека во случајот на Миле, Груевски излегол најнефер. Со своето бегство, него најмногу го оставил „на цедило“, иако му бил најлојален и најверен извршител на сè што ќе му паднело на памет на Грујо. Тоа, инаку, се слуша и од мноштвото прислушувани телефонски разговори, во кои Миле како да е посебна цел на тој мобинг што им го правел нивниот лидер. Дури и самата помисла да му се спротивстави на Груевски во неколку разговори резултира со упорен психолошки притисок врз него и, конечно, изнуда работата да се заврши. И се завршувала, сега гледаме по каква кривично-правна цена. За тоа немало квота, во тоа не се претерувало.

Добро, де, имал Миле и своја сметка во тој еднодецениски процес, не ќе да е дека работел баш „про боно“. Само што сега крчмарот нему му виси над главата. Како што знаеше, со неодолива шармантност, да ми вели на времето еден колега од Белград после секое „ликвидно“ кафеанско гоштевање, Грујо му порачува на Јанакиески од Будимпешта: „Дај, Миле, плати, није ми ни до чега!“

Како и секогаш, Миле е подготвен услужно да ја плати сметката. И бакшиш ќе остави. И ќе си одмолчи до крајот, иако би поминал подобро да прозбори, како некои кои ги нема во кривичните пријави.

Тоа ме наведува на помисла дека „линчот“ со инцидентот во затворот Шутка како да е наместен. И Миле и Спире биле „жртви“ на оние кои ги договараше нивната власт за инцидентот во Куманово – не случајно од таму им порачуваат на Ахмети, Мијалков и Груевски дека ќе им се одмаздат за „предавство“, иако во тој антитерористички дебакл загинаа и осум македонски специјалци. Тоа, кога денеска пропагандно хистеризираат од ВМРО-ДПМНЕ, бесрамно го забораваат.

Тоа е вистинска крв на рацете, до лакти, г. Мицкоски, што вода не ја мие.

Велам, мене ми личи дека Миле се спрема за бегство од „двојниот“ домашен притвор. А и зошто да не: инфраструктурата за бегството на Груевски е нечепната, кадрите на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се на услуга, судскиот и полицискиот систем на претходната власт (заради љубезноста на Заев) е сè уште функционален, Орбан и понатаму е на власт во Унгарија, а и пари се има колку што треба… Кроткиот Миле заслужува сите да му помогнат.

Сигурен сум дека и соопштенијата за ругање и барање одговорност од СДСМ за бегството на Миле се веќе подготвени, ќе ги прераскаже целата канта-тропај фејсбук машинерија, а и сите спротивставени медиумски и партиски фракции во самото СДСМ. Таман ќе се докаже дека политичката свежина и моралниот кредибилитет на професорката Гордана Сиљановска Давкова е неопходната промена во грдата реалност на неспособната власт во Македонија.

Сè е подготвено наскоро и Миле да си замине.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...