Од надворешни центри и наши партиски паралелни структури се врши притисок за бојкот, при што се жртвуваат стратегиските определби на ВМРО-ДПМНЕ, вели разрешениот организационен секретар на партијата Стево Насковски за Дојче Веле.
Насковски до минатата недела беше организационен секретар во ВМРО-ДПМНЕ. Разрешен е „во пакет“ заедно со над 15 партиски потсекретари. Одлуката поминала на седница на Извршниот комитет само како бројка, без поименично да се наведе за кого се однесува
-ВМРО-ДПМНЕ е партија која поддржува референдум со цел решавање на прашањето со името, а тоа многу пати беше најавувано и од претходното раководство. Како секој од нас ќе се произнесе на тајно гласање – е негова работа! ВМРО-ДПМНЕ не може да поддржи иницијатива за некаков бојкот, кој во никој случај нема да го стопира Договорот со Грција, бидејќи следи истиот да биде ставен на собраниска расправа и со можност да помине во Собранието. Таквата иницијатива (за бојкот – н.з) има поддршка од земји со поинакви интереси од нашиот, македонски интерес. Наш единствен пат се НАТО и ЕУ, друга алтернатива немаме. Можеби беше потребно да има јавна дебата околу тоа што добиваме, а што губиме со Договорот, но истиот е веќе потпишан, и тоа е. Друго некакво решение никој не понуди. Мене највеќе ме загрижува одржливоста на Договорот, дали тоа е веќе крајот на спорот, и дали во иднина нема да се појават нови барања од грчка страна.