„Народ се случува”, рекол Чавков на 27 април кога после два часа се појавил во МВР 

2466

Актуелниот заменик министер во МВР Агим Нухиу, кој на 27 април беше министер во техничката влада, сведочи на рочиштето за настаните од крвавиот четврток.

Дента, кажа тој, бил во Куманово службено, а попладне се вратил дома во селото Слатино, Теарце.

– На телефон пред 18 часот ми се јави заменик директорот на БЈБ и ме праша дали ги следиме дебатите што се случуваат во Собранието. Вклучив телевизор и веднаш минута пред 18 часот пуштив порака до директорот на БЈБ, раководителот на кризниот штаб и лицето со златна команда, сите овие три функции се на едно лице (Митко Чавков). Пораката што му ја пратив беше: ,,Директоре дали ги следите дебатите во Собранието? Има ли можност да ескалира ситуацијата?” Во 18.03 минути добив одговор: ,,Нема можност. Засега се е под контрола”. По една минута добив втора порака со содржина: ,,Надвор нема проблеми” – раскажуваше Нухиу во детали.

Кога видел што се случува се упатил кон Скопје и кога видоел дека ситуацијата ескалира неколку пати се обидел да го добие на телефон Чавков.

– Кога видов дека сите влезови на Собранието беа блокирани, во 18,58 часот пуштив уште една порака: ,,Директоре нема полицајци, сите влезови се блокирани” – рече Нухиу.

Додека не можел да го добие Чавков, тој остварил неколку телефонски комуникации со други лица од МВР. Девет пати разговарал со помошник раководител на оперативниот штаб за оперативната акција и добил одговор дека се правеле обиди од помошниот штаб и оти ќе се преземат соодветните мерки како што се планирани. Додека одел кон МВР, односно кон оперативниот штаб, пет пати контактирал и со тогашниот началник на одделот за специјални полициски операции, обвинетиот Митко Пешов, од кого добил одговор дека се прават сите обиди од нивна страна.

– Во 19.25 стигнав во МВР и се упатив кон оперативниот штаб, барав од дежурниот (сега обвинет Душко Лазаров) веднаш да даде наредба за евакуација на пратениците. Сакам да напоменам дека дежурниот неколку пати излегуваше од просториите на штабот и разговараше телефонски. Со кого, не знам. Од првите минути го прашував за планот за акција на оперативниот штаб. Според моја лична проценка дежурниот имаше резерва кога ги барав плановите и да се преземат мерки за евакуација – раскажуваше Нухиу.

Како што рече барал од него неколку пати да издаде наредба за евакуација.

– По 20 часот во штабот пристигна Чавков, зборуваше телефонски, со кого не знам. Веднаш го прашав: Каде си, нели те прашував?” Тој ми рече:

,,Што ако ме прашуваше?” Беше агресивен во постапувањето спрема мене. Го прашав зошто полицијата не постапува тој рече: ,,Што мислиш, што се случува? Народ се случува” – раскажа Нухиу.

По ова, рече тој, Чавков почнал да постапува институционално и од тој момент немал некоја забелешка бидејќи гледал и од медиумите дека полицијата почнала да постапува.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...