Ни оддалеку немам намера да полемизирам со султанот на Левица, Здравко Савевски, што се појавил на Фејсбук во улога на бранител на нешто што не може да се одбрани, особено не на „другарчето на велешкиот Гебелс“. Единствено што успева да направи тој во својот пост, е лош обид да манипулира и лаже.
Како што кажав и во мојот РАФАЛ „Леви десничари… Фејкери!“, криво ми е што се радував на појавата на Левица, а не ги послушав оние што ме предупредуваа дека зад оваа партија се крие сѐ, само не тоа што го подразбира една политичка левица.
Савевски не се обидел ни еднаш (ама баш ни еднаш) да ги одбрани активистите од подмолните напади на неговиот сопартиец, фејкерот Апасиев. На тие напади ЦИВИЛ не е еднаш одговорил со отворени покани за него и неговата Левица на настани на кои се промовираше неговата партија, од чии позиции тој почна отворено да го критикува режимот, но само кога стана очигледно дека паѓа.
И пак ќе биде така. Немам намера да се мешам во изборот на темите на моите колешки и колеги во Редакцијата ЦИВИЛ МЕДИА.
Савевски на нашата отвореност и на добрите намери одговара со премолчана поддршка на спинот, лагите и клеветите против активистите на ЦИВИЛ и на други организации. Својствено на структурите за кои работат тој и грстот преостанати следбеници на неговата група.
Пак ќе кажам, многу ми е жал за македонската левица што не успеа да добие вистински политички експонент.
Убаво ви е името, другарки и другари, но треба да си изметете во дворот.
Почитувани другарки и другари левичари од цела Македонија, имајте на ум дека ја почитувам слободата на изразувањето, па така и анти-НАТО определбата на некои од вас. Ќе останам доследен на принципите на неутралното набљудување и ќе го обелоденам секој случај на недемократски притисок врз секого, па и врз вас.
Но, партијата предводена од султаните кои, во стилот на Груевски, ја киднапираа Левица за свои цели и интереси, не е место за артикулирање на вашите ставови. Бидејќи се злоупотребуваат, спротивно на левичарството и спротивно на македонските стратешки определби и на аспирациите на огромното мнозинство наши сограѓанки и сограѓани.
Кога сум веќе овде, да потсетам, ниту јас, ниту организацијата што ја претставувам, немаме намера да ги измешаме лончињата. Спроведуваме набљудување што е неутрално и објективно, што е можно попрофесионално. Паралелно со тоа, соодветно на нашите статутарни и програмски определби, како организација за човекови права и слободи, ние го застапуваме правото на глас. Наша препорака е да се искористи правото на глас, а не да се апстинира. Тоа произлегува од ставот дека така би се лишиле од можноста да учествуваме во донесувањето важни одлуки, односно допуштаме другите да одлучат за нашата судбина. Не ги убедуваме луѓето да гласаат за или против, а ја почитуваме и одлуката на оние граѓанки и граѓани што решиле да апстинираат од гласањето, доколку тоа се заснова на слободна волја, а не на притисок и манипулација.
Што има поедноставно од тоа? Немаме потреба од преправање, како фејкерите Савевски и Апасиев. Ако организацијата одлучеше поинаку, ќе правевме нешто друго. Се одлучивме да останеме надвор од кампањите ЗА, затоа што така сакавме, не затоа што некој така ни кажа – такво нешто е невозможно во нашиот случај. Но! Ни оддалеку немаме намера да ги толерираме говорот на омразата, национализмот и радикализмот, што левичариве некако пропуштаат да го адресираат откако знаеме за нив. Навистина, не се нешто многу познати, но ние, ете, си ги знаеме…
На крајот, сепак, ќе се согласам со констатацијата на Савевски, што токму нему не му оди во прилог, а тоа е дека НАРОДОТ НЕ Е СЛЕП. Така е, граѓанките и граѓаните (или „народот“) не се слепи и добро гледаат кој е кој, а што е што.
Савевски, Апасиев и неколку други божем левичари самите ја закопаа иднината на партијата кога решија да се вбројат со губитниците што отворено одработуваат за Груевски и за руските служби. Што би можел јас да направам тука, освен да им посакам неуспех?