Народниот правобранител бара од МОН да го спречи насилството меѓу децата

Народниот правобранител бара од одговорните во училиштата, локалните самоуправи и просветниот инспекторат да преземат мерки со цел да се обезбедат училишта без насилство.

70

Народниот правобранител го осудува отсуството на навремена и соодветна реакција за превенирање на насилство меѓу учениците и ги потсетува одговорните во училиштата, како и заедницата дека училиштето е воспитно-образовна установа, која има обврска и должност да обезбеди грижа и заштита на децата, како и да преземе превентивни мерки за спречување на насилството меѓу децата, но и врз децата.

Во овој контекст, имајќи ги предвид случаите на насилство меѓу ученици во неготинско училиште, насилство врз ученик од вработен во училиште во Битола, Народниот правобранител бара од одговорните во училиштата, локалните самоуправи и просветниот инспекторат да преземат мерки со цел да се обезбедат училишта без насилство, во кои ќе владее позитивна клима, взаемно почитување и другарување меѓу учениците.

За Народниот правобранител инцидентот со насилството во гостиварската гимназија е пред сѐ, срамен акт, но и лош пример за учениците кои се образуваат во ова училиште, поради што го повикува Министерството за образование и наука да реагира со цел да обезбеди училишта во кои сите ќе се чувствуваат безбедно и сигурно.

Според Народниот правобранител, неопходно е да се јакнат капацитетите на наставниците да превенираат и спречуваат насилно однесување кај децата, да развиваат, но и да се залагаат за комуникација меѓу децата, толеранција, градење самодоверба, и во училиштата да се воспостават механизми за соодветна и навремена интервенција при насилство. Притоа, Народниот правобранител укажува дека родителите мора да покажат поголем интерес за своите деца, за нивниот однос и активно да придонесат за безбедни училишта без насилство.

„Имајќи го предвид отсуството на реакција кај соучениците во случајот со насилството помеѓу ученички во основно училиште во Неготино, каде според снимките објавени во јавноста, учениците користејќи ги мобилните телефони го снимаат насилството и не преземаат ништо истото да го спречат, Народниот правобранител со голема загриженост прашува:

Што се случува со воспитувањето на децата? Дали семејството и училиштето ја занемариле оваа значајна функција, која заедно со образованието има важна улога во правилниот развој на секое дете? Располагаат ли училиштата со ефикасни методи и обучен кадар кој знае и кој умее да превенира од насилство, односно да едуцира генерации кои ќе знаат да почитуваат и преку дијалог да ги решаваат евентуалните проблеми?“, се наведува во реакцијата на Народниот правобранител.

Со овие настани во училиштата уште еднаш се потврдуваат континуираните укажувања и препораките на Народниот правобранител за потребата од стручни служби во училиштата кои сериозно и посветено ќе работат на превенција на насилствата меѓу учениците, и ќе ја зајакнат воспитната улога на наставниот кадар во образовниот процес.

Народниот правобранител очекува надлежните органи целосно и до крај да преземат мерки за расчистување на случаите со насилство во училиштата, при што особено да се утврди ефикасноста на мерките за спречување на насилство помеѓу и врз децата во училиштата, а за што Народниот правобранител оваа година ќе спроведе посебно истражување.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...