Колумбиското полициско куче-душкало Сомбра (Сенка) е женка која во текот на нејзината служба има откриено рекордна количина наркотици. Сега Сомбра мора да биде скришно преместена од безбедносни причини.
Разузнавачки извори открија дека нарко картелот Урабењос нуди награда од 70.000 долари на главата на Сомбра откако кучката откри 10 тони негов кокаин.
Женката од видот германски овчар е преместена и веќе не работи на територијата на картелот.
Картелот Урабењос се смета за еден од најопасните и најмоќните во Колумбија.
Шестгодишната Сомбра работеше на брегот на Атлантскиот Океан каде цвета шверцот на дрога со глисери и бродови, а некогаш и со подморници.
Најголем дел од трговијата со дрога контролира шефот на Урабењо, Дарио Антонио Усуга, кој е еден од најбараните луѓе во Колумбија.
Бандата нуди пари за да се реши од секој што ќе ѝ се најде на патот. Во 2012 година полицијата најде летоци на кои картелот нуди по 500 долари на секој кој ќе убие полицаец.
Многу повисока сума е понудена за главата на Сомбра, што укажува дека картелот претрпел огромна финансиска штета поради нејзината работа.
Сомбра, која е дел од колумбиската полиција откако беше кутре и е заслужна за апсење на 245 осомничени дилери на дрога, е ставена под полициска заштита.