Аргентинецот Мауро Икарди сака да остане во Интер. Ова го изјави сопругата и агент на напаѓачот – Ванда Нара.
Дваесет и шест-годишниот напаѓач беше лишен од капитенската лента и според некои сведоштва, причината се неуспешните преговори за нов договор. Голгетерот на „нероазурите“ одби да игра против Рапид Виена, а потоа беше објавено дека има повреда.
За последен пат Икарди беше на теренот на 9 февруари во победата од 1:0 над Парма на „Енио Тардини“. Тој ги пропушти последните 7 натпревари за Интер. На негово место Лучано Спалети се потпира на младиот Лаутаро Мартинез, кој во 28 дуели во сите натпреварувања има 8 гола.
– Мауро сака да остане во Интер. Работам за да се чувствува добро и да се смири со клубот. Дури избравме адвокат кој е фан на тимот – изјави Нара.
Таа, исто така, ја коментираше повредата на Икарди.
– Проблемот со коленото не е вест. Здравјето сега е негов приоритет. Инаку не може да се чувствува важен дел од тимот – додаде Ванда.
Икарди игра за „нероазурите“ од летото 2013 година, кога беше купен од Сампдорија за 13 милиони евра. Оваа сезона тој постигна 9 гола во Серија „А“ во 20 натпревари. Три од неговите голови се од пенал.
Името на Икарди е поврзувано со Реал Мадрид, Баерн Минхен, Манчестер Јунајтед и Јувентус.
ФОТО: EPA /ROBERTO BREGANI